Имајќи ги предвид ниската стапка на користење контрацепција, просечната стапка на абортуси и опаѓачкиот број на посети за советување за планирањето на семејството, како и генералното спротивставување на стручната фела кон воведувањето на медикаментозниот абортус во земјава и покрај тоа што се има покажано како безбеден и ефективен метод, ХЕРА, заедно со Заводот за здравствена заштита на мајки и деца и со приватна гинеколошка ординација од Скопје, спроведе истражување за да ги испита знаењата, ставовите и практиките за медикаментозниот абортус меѓу гинеколозите во Македонија.
Иако сè уште не е регистриран, една третина од гинеколозите имаат искуство во изведување на медикаментозниот абортус (29,5%) и тоа го направиле поради неивазивноста на процедурата и на барање на жената. Речиси две третини од испитаниците би сакале да се обучат дополнително за протоколот за вршење на медикаментозниот абортус. Најголемиот дел од гинеколозите (93,2%) сметаат дека е потребно медикаментозниот абортус да биде регистриран во Република Македонија, поради ″правото на жената на избор на метод на абортус“(63,6%) и заради ″позитивните страни на процедурата “ (43,2%).
Наодите од истражувањето недвосмислено укажуваат на тоа дека гинеколозите во Македонија се заинтересирани за воведување на медикаментозниот абортус како алтернатива на хирушкиот абортус. Потребно е да се направат напори за регистрација на медикаментозниот абортус, подобрување на пристапноста и обука на лекарите за оваа метода.
Целосното истражување е достапно на следниот линк.