Со големо задоволство ви ја претставуваме збирката колумни што во текот на 2023 година ги подготвивме и објавивме на порталот ТРН.
Петнаесетте текстови што ги подготвија членови на ХЕРА даваат одличен приказ на состојбата со сексуалните и репродуктивните слободи и права на луѓето во нашата држава, почнувајќи од дезинформациите за сеопфатното сексуално образование и антиродовата пропаганда, преку феноменот на насилството и системските пропусти поради кои затајуваме, па сè до социјалната правда и правото на абортус и семејно планирање.
Овие колумни не ја одразуваат само овдешната реалност, туку и нашата работа. Па така, протагонисти во овие текстови се токму општествено исклучените граѓани и граѓаните во ранливи ситуации – жените и децата, луѓето коишто живеат со ХИВ, Ромките, младите, ЛГБТИ луѓето, жените со попреченост – за чии сексуални и репродуктивни права неуморно се залагаме.
Оттука, изразуваме голема благодарност до порталот ТРН за отстапениот медиумски простор и за укажаната доверба да „боцнеме“ на теми поврзани со сексуалните и репродуктивните права и слободи. Изразуваме голема благодарност и до нашите членови без кои овие текстови не би постоеле, а кои храбро споделија свои ставови и свои лични искуства – како граѓани и како стручни лица – свесни дека личното секогаш е политичко.
Збирката колумни е достапна тука.