Првиот семеен центар на Град Скопје беше отворен во октомври 2013-та година. Центарот претставува прво специјализирано советувалиште кое нуди психосоцијална поддршка и советување на семејства кои се во конфликтни односи, во кои акутно се врши насилство или пак во изминатиот период постоело семејно насилство. Услугите ги нуди професионален тим од психотерапевти кој низ психосоцијален третман базиран врз соодветна техника на психотераписка работа ги зајакнува поединечно сите членови од семејството.
Центарот беше отворен со поддршка на ЦИРа преку програмата Цивица мобилитас и град Скопје. Од самиот почеток, преку обезбедување на финансиски средства за тековното работење. Комерцијална банка е еден од главните поддржувачи на работата на овој центар.
Услугите на Прв Семеен Центар во периодот од 01 Јануари 2014 до 30 Април 2014 година беа понудени на вкупно 79 клиенти, од кои 19 се мажи, 44 жени и 16 се малолетни деца.
Во овој период Центарот работеше со 21 семејство, а индивидуално според статусот клиентите се со следниве карактеристики: 34 се жртви на семејно насилство, 10 се сторители на семејно насилство, 16 се малолетни деца кои живеат во семејство со семејно насилство и останатите 19 се други членови на семејство кои учествуваат со советувањето. Најголемиот број на жртви се жени на возраст од 35 – 45 години, кои се во брак и не се вработени.
– за овој период беа спроведени вкупно 176 психосоцијални советувања со психотерапевт/советувач; 94 советувања со социјален работник и 5 клиентки, жртви на семејно насилство ја добиле услугата бесплатна правна помош.
– 5 клиенти се упатени во друг сервис на Х.Е.Р.А. т.е. правно советување, други 5 клиенти се упатени во друга институција (МЦСР Скопје) за остварување на социјални права;
– Од сите 79 клиенти, 26 клиенти самостојно побарале помош и/или психосоцијално советување, 4 клиенти се упатени од други НВО,1 клиент е упатен од МЦСР Велес, а останатите 48 клиенти се упатени од МЦСР Скопје.