Овој важен Меѓународен ден за женските права и нивната благосостојба ја одбележува историската и сè уште актуелна борба на жените за економска, политичка и социјална рамноправност во општеството. Ова е само еден ден од годината кога некако успеваме да го привлечеме вниманието, како на оние кои секојдневно ги негуваат овие вредности, така и на оние на кои овој датум им е само една флоскула, формалност или пак не им значи баш ништо.
Ја користиме приликата кога фокусот е сега тука и ја продолжуваме визијата на Цеткин, Луксембург, Де Бувуар и сите жени борки, знајни и незнајни, за рамноправност и правда. Во овие пет минути се потсетуваме сите зашто борбата е далеку од завршена.
Кога ќе решиш да излезеш од конформизмот, кога нема да ти биде важна осудата од групата во која полесно ти е да припаѓаш отколку да се одвојуваш, тогаш кога ќе се слушнеш себеси и сите жени за чии неправди си чула или посведочила, тогаш чувството за правда и солидарност ќе ти се роди повторно!
И баш тогаш ќе ти текне дека, всушност ти не си виновна!
Не си ти виновна за нееднаквите плати, не си ти виновна за добиената шлаканица, лузните и омаловажувањето, а уште помалку си виновна за себичноста на другите и нивната желба за манипулација и злоупотреба на твоите лични податоци и приватност.
Како може да си ти виновна за туѓата осуда и тапост? Нивното основно непознавање и неинформираност во 21. век, во интернет ерата и при речиси неограничен пристап до информации не може да е твоја вина.
Кога ќе ти речат: „ама што уште барате, сè си имате“, не се колебај и остани гласна! Дури и да мислиш дека тебе ти е добро, бори се за тоа девојчето таму што го продаваат по цена која ја договориле мажите во семејството. Бори се за девојчето што е обрежано на осумгодишна возраст, бори се против зголемениот број на извршен фемицид, бори се за жената која до вчера не гласаше. Бори се за сексуално злоставуваните девојки во Индија и за нееднаквите плати меѓу мажите и жените низ целиот свет. Бори се против затскриената омраза која е подеднакво опасна како експлицитната. Бори се за немоќните, бори се за себе. Бори се воведувње на Сексуално Образование во училиштата, за еманципирана и здрава младина, бори се против стигмата и табуата. Охрабри се, биди емпатична и силна!
Отсрами се, врати го срамот на оние на кои им припаѓа и повтори си… НЕ СУМ ЈАС ВИНОВНА!
(изјава на Мери Цетковска од ХЕРА за време на осмомартовскиот марш за женски права – ти не си виновна!)
Фотографија: Ванчо Џамбаски
Целата галерија со фотографиите на Ванчо Џамбаски од маршот, можете да ја погледнете тука: http://bit.ly/маршгалерија