По повод 1 декември – Светскиот ден на СИДА, на денешната конференција за печат во Министерството за здравство се обрати Андреј Сених од Здружението на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ и во име на Платформата која обединува уште 15 граѓански организации што спроведуваат програми за превенција и рано откривање на ХИВ кај ранливите групи на граѓани во земјава.
На конференцијата за печат беше истакнато дека активностите на граѓанскиот сектор се носечки дел од национална програма и дека без нив не би била можна контролата на ХИВ во Република Македонија. Граѓанските организации што работат на терен ја поздравија одлуката на Владата и на Министерството за здравство да ги одржат во целост овие активности и да обезбедат буџет за ХИВ, со што се очекува дека програмите ќе продолжат и во иднина.
Македонија станува вистински позитивен пример во регионот и пошироко и тоа веќе е препознаено и на меѓународен план, каде што епидемијата на ХИВ претставува и поголем јавно-здравствен проблем отколку што е во Република Македонија.
„Ние, како граѓански сектор, очекуваме да се исполнат во целост заклучоците донесени од Владата минатиов септември, а тоа е да профункционира механизам на долг рок за финансирање на вакви активности на граѓански организации кои се клучни за јавното здравје и во рамки на Министерството за здравство, по примерот на други министерства и единици на локалната самоуправа. Исто така, очекуваме да се унапреди начинот на кој се обезбедуваат антиретровирусните лекови во државата, со што ќе се гарантира сигурна и континуирана достапност на терапијата за пациентите. Ги поздравуваме чекорите што веќе ги презедоа Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и Клиниката за инфективни болести за да се обезбеди сите неопходни лекови да бидат регистрирани во државата и конечно да бидат ставени на позитивната листа”, истакна Андреј Сених од Платформата за ХИВ.
Иако Македонија има ниска стапка на ХИВ-инфекција, сѐ уште постојат преостанати предизвици, но и преземени обврски и можности до 2020 година за остварување на глобалната цел, а тоа е дури 90% од сите лица инфицирани со вирусот да го знаат својот ХИВ-статус за да можат да пристапат кон лекување и терапија. На тој начин, по 2020 година инфекцијата целосно би ја ставиле под контрола, драстично би опаднал бројот на нови инфекции и би се стабилизирал бројот на лица што имаат потреба од терапија, а со тоа би опаднале трошоците за лекување.
Денешниот ден ќе биде одбележан вечерва (1 декември, петок) со добротворен настан и музичка програма „Погледни од моја страна“ во Клуб-ресторанот на МКЦ во 20.00 часот. Настанот е отворен за сите добронамерни граѓани и компании, а го организираат „Заедно посилни“ и партнерите.