На 26.10.2019 г. во медиумот „Нова Македонија“ беше објавена статија со невистинит и заведувачки наслов: „Македонија меѓу топ десет земји според бројот на новозаразени со ХИВ“.
Повикувајќи се на извештај од УНАИДС во кој се споменуваат 10 земји со најголем пораст на бројот на нови дијагнози на ХИВ во периодот од 2010 до 2018 година, во однос на претходниот период, статијата погрешно ја пренесува информацијата дека нашата земја се наоѓа во првите десет во светот според бројот на новоинфицирани (новозаразени) со ХИВ.
Пред да ја објави, медиумот би требало да ја провери веста, бидејќи во спротивно, нанесува штета на јавното мислење и зајакнува стигма кон луѓето што живеат со ХИВ.
При известувањето медиумот дава две погрешни информации:
- Помешани се драстично различни поими – новооткриени (новодијагностицирани) со новоинфицирани (новозаразени). Првиот поим се однесува на нови дијагнози, откривање на веќе постоечките случаи на ХИВ, односно на лица коишто не се свесни за својот ХИВ позитивен статус, додека вториот, наведен во статијата, се однесува на настанувањето нови инфекции, односно ширење на инфекцијата со ХИВ.
- Помешување на нешто што претставува сооднос изразен како процент (т.е. за колку проценти се зголемил бројот на нови дијагнози во периодот 2010-2018 во однос на бројот на нови дијагнози во целиот претходен период до 2010 година) со нешто што претставува апсолутен број (т.е. како што целосно погрешно наведува статијата „Македонија е меѓу топ десетте земји во светот според бројот на новозаразени со ХИВ“). Во извештајот на УНАИДС стои дека има пораст на стапката на нови дијагнози на ХИВ за периодот од 2010 до 2018 година за 88%, додека насловот на споменатата статија наведува дека државата е во првите десет според „бројот на новозаразени“.
Овие грешни и сензационалистички информации водат кон дезинформирање на јавноста, и тоа во насока на ширење неоснована паника. Глобално, нашата земја спаѓа во земјите со ниско ниво на епидемија на ХИВ, а регионално меѓу земјите со најниско ниво на епидемија, како според проценетиот апсолутен вкупен број на лица што живеат со ХИВ, така и според проценетата преваленца на ХИВ.
Порастот на стапката на нови дијагнози на ХИВ во нашата земја во периодот од 2010 до 2018 година, наведен во извештајот од УНАИДС, може да се објасни пред сè со воведување посистематизирано спроведување на доброволното тестирање за ХИВ и кампањите за зголемување на свесноста за важноста на тестирањето за ХИВ, кое започна во 2007 година, а значително се зголеми во периодот од 2014 до 2018 година.
Всушност, активностите и залагањата на надлежните институции и на граѓанските организации што се занимаваат со оваа проблематика се насочени токму кон зголемување на бројот на новите дијагнози, со што би се откриле што повеќе од веќе постоечките случаи за кои не постои сознание ни кај самите лица. Од овие причини во секоја прилика во јавноста апелираме до граѓаните дека е важно да се да се тестираат за ХИВ. Со откривањето на својот статус, лицата со ХИВ можат веднаш да почнат со соодветна терапија, т.н. антиретровирусна терапија, која е достапна и бесплатна во Република Северна Македонија, а со земањето на терапијата се прекинува понатамошното пренесување на инфекцијата.
Во денешно време доколку ХИВ се открие навремено, потребно е само да се зема секојдневната терапија и може да се живее долго и квалитетно како и сите останати. Со редовното примање на терапијата, нивото на вирусот во крвта станува недетектибилно т.е. не може да се открие со крвна анализа, а со тоа и не постои можност да се пренесе на друго лице. Оттука, самата терапија станува превенција за ширење на вирусот, а лицата што живеат со ХИВ не можат да го пренесат вирусот. Повеќе информации може да се добијат на www.hera.org.mk или на мобилната андроид апликација „Направи ХИВ тест“ која може бесплатно да се преземе од Google Play.
Бараме од медиумот „Нова Македонија“ да објави исправка на веста и да упати јавно извинување за погрешната информација која ја пренесе и со која нанесе штета на јавното мислење.