Над 600.000 евра предвидени за изградба на базен, а само 4000 евра годишно за гинеколог во Шуто Оризари
Иницијативата на жени од Шуто Оризари остро реагира на огласот за доделување јавна набавка за изградба на отворен пливачки базен во Општина Шуто Оризари, објавен од Агенцијата за млади и спорт, со вредност од над 600.000,00 евра.
Веќе подолг период оваа Иницијатива алармира дека во општина Шуто Оризари нема ниту еден матичен гинеколог, а 8000 жени се во репродуктивен период. Според податоците од секојдневните теренски активности на Иницијативата, во општина Шуто Оризари поради ограничен пристап до примарна здравствена заштита, неретко жени се породуваат во домашни услови, без никаква лекарска грижа, со што нивното, и здравјето на новороденчињата, е сериозно ставено под закана. Согласно официјалните статистики, доенечката смртност кај Ромите е 1,5 пати повисока во однос на останатите граѓани, а со оваа одлука извесно е дека стапката нема да се намали. Со ова неоправдано инвестирање, репродуктивното здравје на Ромките и овојпат се занемарува, а социо-економската состојба на граѓаните од општината дополнително се влошува. Ромите во Р.Македонија живеат во исклучителна сиромаштија и висока стапка на невработеност, ромските деца се неисхранети, имаат лоши услови за живот и ограничен пристап до основни здравствени услуги. Многу малку се вложува во нивна едукација, нудење на услуги за сексуално и репродуктивно здравје и воопшто за подобрување на квалитетот на живот.
За пристапот до здравствена заштита, дури и Меѓународниот комитет за економски, социјални и културни права препорача државата да ги засили напорите за да обезбеди пристап и достапност до гинеколошки услуги за сите жени без оглед на местото на живеење, овозможувајќи доволно лекари и проширувајќи ги услугите кои ги покрива Фондот за здравствено осигурување на РМ. Со цел подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје на Ромките, Комитетот препорача да се преземат сите мерки за зголемување на бројот на гинеколози во земјата со цел да се обезбеди пристап на секоја жена до гинеколошки услуги, особено во Шуто Оризари.
Во програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2017 година донесена од Владата на РМ, предвидени се 240.000,00 денари за гинеколог кој еднаш во неделата ќе врши примарна здравствена дејност од областа на гинекологијата и акушерството на територијата на општина Шуто Оризари. Наместо ова нефункционално и паушално решение, за 1.200.000,00 денари односно за 20.000,00 евра, проблемот со недостаток од матичен гинеколог за жените од оваа општина би бил целосно решен со тоа што ќе има матичен гинеколог во општината, секој работен ден во годината.
Одлуката за изградба на базен не само што не соодветствува со најитните потреби на граѓаните од Шуто Оризари, туку го отвара и прашањето за идните приоритети на надлежните кога станува збор за граѓаните од ромска етничка припадност. Изучувањето на водните спортови и здравјето на жената се неспоредливи категории од аспект на итност и неопходност.
Имајќи ги предвид фактите, бараме од надлежните да ги преиспитаат приоритетите на граѓаните од општина Шуто Оризари и да ги алоцираат ресурсите кон задоволување на егзистенцијални потреби за достоен живот.