Во продолжение следи реакцијата што ХЕРА ја упати до Бранко Героски, раководител на проектот „Плусинфо“.
Почитуван г. Героски,
Ви пишувам со реакција на Вашата колумна, објавена на 04.10.2021 година, во која ХЕРА ја посочувате како една од одговорните страни во организирањето на кампот на Првиот скопски извиднички одред по кој родители сведочеа за немили настани поврзани со сексуално вознемирување на нивните деца. Имено, тврдењата дека ХЕРА сноси објективна одговорност за настаните во кампот ги отфрламе како целосно невистинити и објавени единствено со тенденција да ѝ се наштети на нашата организација. Причините зошто ги сметам за невистинити се следни:
- ХЕРА не била вклучена во организирањето на кампот од страна на Првиот скопски извиднички одред – ниту со финансиска поддршка, ниту во неговата програмска подготовка и реализација. Во годишните и програмските извештаи на ХЕРА, кои согласно законската должност секоја година ги објавуваме и се јавно достапни на нашата веб-страница, не може да се најде името на Првиот скопски извиднички одред како партнерска организација со којашто сме спроведувале програмски активности.
- Дополнително, не постои пишан договор на соработка помеѓу ХЕРА и Првиот скопски извиднички одред кој би ги регулирал одговорностите на двете страни во одредено поле на соработка, вклучувајќи го и организирањето на извидничкиот камп.
- ХЕРА беше првата граѓанска организација која повика на темелна истрага од страна на надлежните институции, укажувајќи дека активностите на кампот немаат никаква врска со сексуална едукација или образование. Во својата реакција ХЕРА се огради од каква било програмска или финансиска вклученост во настанот.
- Единствената поддршка која ХЕРА низ годините им ја дава на над дваесетина организации кои работат со млади е во вид на промотивно-информативен материјали за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје и за превенција од ХИВ, за да информациите стигнат до што е можно повеќе млади луѓе со што би се подигнала свеста за заштита од сексуално преносливи инфекции и сексуално вознемирување и насилство.
Се надевам дека и Вие, како и ХЕРА, сметате дека подигањето на свеста е еден од начините да се бориме против незнаењето и табуата поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје поради кои младите кај нас се изложени на уште повеќе ризици.
Во сериозни општества, државата е таа која треба да обезбеди едукативни материјали во училиштата и надвор од нив за да можат, пред сѐ, младите да си го остварат правото на пристап до проверени и точни информации за сексуалното и репродуктивното здравје. Оттука, не гледам зошто ХЕРА би сносела одговорност за дистрибуција на едукативни материјали – кои, патем, може секој бесплатно да ги подигне преку младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА – или, пак, за начинот на кој тие се користени од други лица на настан на кој не присуствувале ниту учествувале наши врснички едукатори за сексуално образование или наши вработени.
Исто така, ХЕРА нема намера да им држи лекции на медиумите и на новинарите како да известуваат за настаните кои се случија за време на кампот на Првиот скопски извиднички одред. Но, сметаме дека е наша должност да реагираме за да ја подобриме медиумската писменост кога станува збор за написи поврзани со прашања за сексуалното и репродуктивното здравје и права во земјава. Ви благодарам Вам што во Вашата колумна многу внимателно сте ја направиле разликата помеѓу сексуална едукација и „игри” со сексуална содржина, односно што не го квалификувавте настанот како „камп за сексуално образование“ или „извидничка сексуална едукација“ – нешто што деновиве се сретнува во безмалку сите медиумски написи на оваа тема. Несоодветната терминологија има моќ да ја смени суштината на написот и значително да влијае врз перцепцијата на читателот, особено за олку сензитивна тема. Затоа сметаме дека секој кој е стручен за темата или областа за која се пишува, има должност да посочи доколку е користена несоодветна терминологија која може да направи штета.
На крајот, повторно истакнувам дека и ХЕРА, како и целата македонска јавност, очекува надлежните институции да спроведат темелна и објективна истрага и доколку се утврдат прекршувања, да има соодветни санкции за одговорните лица кои биле вклучени во планирањето и одржувањето на настанот. Воедно, би сакал да посочам и дека настани како овој несомнено укажуваат дека:
- Потребна ни е системска интеграција на сеопфатното сексуално образование на сите нивоа во образовниот систем за да се намали потребата од неформалната сексуална едукација;
- Сите организации кои работат и спроведуваат активности со млади и со малолетни лица мора да воспостават свои внатрешни регулативи и механизми за превенција и одговор на сексуално вознемирување и за детска заштита и дека ваквите политики треба да бидат услов за какво било финансирање во иднина;
- Потребни се континуирани медиумски и теренски кампањи за подигање на јавната свест во врска со сексуално вознемирување на децата, но и со заштитата на нивното сексуално и репродуктивно здравје (пр. непланирана бременост, превенција од сексуално преносливи инфекции, заштита од родово базирано насилство);
- Стручните служби и наставниците во сите училишта треба да бидат задолжени, во рамките на своите годишни програми, да прават едукација со учениците за превенција од сексуална злоупотреба, вознемирување или насилство, а не тоа да зависи од од добрата волја и интересот на одредени училишта;
- Неопходна е поголема сензитивност и професионалност од страна на медиумите кои известуваат на оваа и слични теми, како и санкционирање на говорот на омраза, клеветите и лажните вести кои во случајов му наштетуваат на сексуалното образование што во моментов се спроведува како пилот-програма од страна на Бирото за развој на образованието.
Од овој немил настан можеме да извлечеме уште многу други препораки, да воспоставиме механизми и сите заедно – државата, граѓанскиот сектор и медиумите – да работиме повеќе за доброто на нашите деца. Но, прашањето е дали како општество сакаме да ги извлечеме поуките од овој настан или да продолжиме и понатаму само да обвинуваме, манипулираме, деизнформираме додека времето не „го заборави“. На Вас оставам да заклучите.
Со почит,
Бојан Јовановски,
Извршен директор на ХЕРА