Од 12-ти до 14-ти септември 2024 година, во хотел Бистра, Маврово, се одржa работилница за лидерската група за родова еднаквост, организирана од здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Британската амбасада во Скопје.
На работилницата беа успешно претставени концептите на род, родова еднаквост и социјална инклузија во насока на унапредување на знаењата и вештините на учесниците. Учесниците имаа можност да анализираат определени мерки и политики, преку соодветни техники за интеграција на родовата перспектива во процесите на креирање политики засновани на докази.
Теоретските знаења на учесниците околу основите на родовиот концепт, родова еднаквост и ранливите групи, ги пренесоа Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, заедно со Неда Чаловска, експертка за родови прашања.
На работилницата беа презентирани состојбите со родовата еднаквост во Северна Македонија, а се дискутираше и за соодветни препораки за подобрување на тековните политики, како и спроведување на процесите за процена на влијанието на регулативата (ПВР), во партнерство со претставници на владата односно Министерството за јавна администрација.
Учесниците исто така се запознаа со основните столбови на методологијата РЕСИ – Родова еднаквост и социјална инклузија, а предавањата ги организираше ХЕРА. Преку примената на РЕСИ методологијата и алатките се овозможува мерките и политиките да станат родово одговорни и да ја промовираат социјалната вклученост на сите нивоа, како во нивното креирање, така и при спроведувањето и оценувањето на постигнатите резултати.
Овој настан е дел од проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, чија цел е да ја зајакне поддршката за креирање на родово инклузивни политики во земјата.