ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), објавува повик за учество на новинар(к)и и студент(к)и на постдипломски студии по новинарство во менторска програма заради унапредување на медиумското известување за прашања поврзани со родовата еднаквост.
Преку унапредување на балансираното и непристрасно медиумско известување за родово заснованата дискриминација, говорот на омраза и заблудите за родовата еднаквост, менторската програма треба да придонесе кон поквалитетно и посензитивно известување за прашањата поврзани со родовата еднаквост, а со тоа и кон превенција од ширење дезинформации и поголема јавна свест за важноста на родовата еднаквост.
Менторската програма ќе им понуди на учесниците двомесечно менторство и директна поддршка од истакнати медиумски професионалци заради продлабочување на знаењата за родовата еднаквост и унапредување на сензитивноста во медиумското известување за прашања поврзани со родовата еднаквост. Преку менторирање „еден на еден“, учесниците ќе имаат можност да истражуваат, да се надградуваат и развиваат, стекнувајќи самодоверба и прецизност во известувањето за прашања поврзани со родовата еднаквост. Тие ќе добијат конкретни насоки и поддршка по нивна мера заради развивање истражувачка сторија која ќе биде објавена во истакнат медиум по завршувањето на менторската програма.
Покрај професионалниот развој, менторската програма отвора простор за натамошна соработка на менторите и учесниците, посветена на родово сензитивното известување, како и за заедничко справување со предизвиците и комплексноста во известувањето за овие прашања, што долгорочно ќе придонесе кон менувањето на јавниот дискурс и кон поголема отпорност на дезинформации за родовата еднаквост.
Менторската програма ќе трае во периодот од 29 јануари до 31 март. Може да се одвива и онлајн, во зависност од договорот со менторот. Во рамките на програмата е предвидено присуство на средба за запознавање и за информирање на темата родовата еднаквост којашто е предвидено да се одржи во Скопје. Патните трошоци за учество на средбата ќе бидат покриени за оние учесници коишто живеат надвор од Скопје.
Учеството во менторската програма е бесплатно. Бројот на учесници во менторската програма е ограничен на 10 лица.
Најдоцна до 19 јануари 2024 година заинтересираните треба да испратат кратка биографија на македонски јазик и информации за контакт на електронската адреса konkurs@hera.org.mk со наслов Пријава за учество во менторска програма.
ХЕРА гарантира дека сите пријавени кандидат(к)и ќе имаат исти услови при изборот без оглед на етничката припадност, родовата идентификација, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или која било друга основа.