ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во рамките на својата програма за неформално сеопфатно сексуално образование (ССО), објавува повик за учество на обука за врснички едукаторки и едукатори.
Обуката опфаќа:
• Прв дел: тридневна обука за теоретско запознавање и спроведување на работилници со седумте компоненти на ССО: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуалност, сексуално и репродуктивно здравје, насилство и граѓански аспекти на сексуалноста и репродукцијата. Овој дел ќе се одржи од 17 до 19 ноември надвор од Скопје;
• Втор дел: дводневен процес на акредитација на врсничките едукатори. Овој дел ќе се одржи на 2 и 3 декември во Скопје;
• Сите учесници кои ќе ја поминат акредитацијата, ќе станат сертифицирани едукатори и едукаторки на ХЕРА и ќе имаат можност да спроведуваат едукации на млади во текот на 2024 година.
Бројот на учесници е ограничен. Трошоците за сместување, храна и превоз за двата дела од обуката се покриени од страна на ХЕРА. За вториот дел од обуката, ова важи само за учесниците со живеалиште надвор од Скопје.
Ги покануваме да се пријават сите млади кои се:
• на возраст од 16 до 23 години,
• мотивирани да водат работилници за едукација на врсници,
• имаат основни познавања за сексуалното и репродуктивното здравје и права,
• сакаат да работат во тим и знаат да исполнуваат задачи навреме.
Пожелно е заинтересираните да:
• имаат волонтерско и активистичко искуство поврзано со човековите права и/или
• да се студент(к)и на институтите за родови студии, психологија, педагогија, филозофија или социјална работа, Медицинскиот факултет, Правниот факултет и слично.
Заинтересираните треба да испратат:
• Кратка биографија во која ќе го наведат своето претходно волонтерско и активистичко искуство, обуки за човекови права или зa сексуално и репродуктивно здравје,
• Писмо во кое ќе ја изразат својата мотивација зошто сакаат да бидат врснички едукатори и едукаторки (најмногу 500 зборови) и
• Информации за контакт (телефонски број и е-адреса).
Важно: За млади коишто се под 18 години, задолжителна е и писмена дозвола од родител/старател за учество на обуката.
Сите документи со назнака/предмет на пораката Повик за обука на врснички едукатори треба да се испратат електронски на е-адреса jana.naskova@hera.org.mk најдоцна до 1 ноември 2023 година, до 18 часот. Сите кандидати коишто ќе влезат во потесниот избор е можно да бидат повикани на разговор.