ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Фондот „Сигрид Раусинг“, објавува повик за прибирање понуди од правни лица за брендирање и комуникација на проектни активности насочени кон подигање на јавната свест за значењето и важноста на родовата еднаквост. Овој ангажман опфаќа развивање стратегиски комуникациски план, визуелен идентитет и клучни пораки заради унифицирање на планираните проектни активности.
Ве покануваме да ни ги доставите Вашите понуди по електронски пат на konkurs@hera.org.mk, најдоцна до 22 јануари 2024 година.
- За активноста
- Позадина
Родовата еднаквост значи еднакви права, одговорности и можности за сите. Еднаквоста значи дека правата, одговорностите и можностите на секој човек нема да зависат од тоа дали се родил како женско или машко. Под родова еднаквост се подразбира дека се земаат предвид интересите, потребите и приоритетите на секој граѓанин, со што се признава разноликоста на различните групи на луѓе. Еднаквоста се смета за прашање од областа на човековите права, но и предуслов и показател за одржлив развој и демократија во чиј центар е човекот.
Изминатите години, низа донесени закони, подзаконски акти и ратификувани меѓународни документи сведочат за успехот во унапредувањето на родовата еднаквост во нашата земја. Тоа значи промоција и уживање на човековите права на секој во нашата земја, инклузивност и уважување на сечии потреби и добросостојба и градење на безбедни простори за дискусија на овие теми заради подобро заедничко разбирање и профаќање.
- Општа цел на активноста:
Да се подигне свеста за значењето на родовата еднаквост и да се предизвика позитивно влијание врз ставот на јавноста кон прашањата поврзани со постигнување родова еднаквост, како придонес кон инклузивно и правично општество преку развивање комуникациски план и визуелен идентитет којшто успешно ќе комуницира со целните групи на проектот.
- Специфични цели:
– Да се креира стратегиски комуникациски план којшто ќе придонесе за успешна промоција и комуникација на планираните проектни активности преку социјалните мрежи и во избраните шест општини.
– Зголемено разбирање и прифаќање на родовата еднаквост и промовирање на еднаквоста преку обезбедување видливост на проектните активности, односно развивање впечатлив визуелен идентитет и јасни пораки. - Целна група на активноста:
– Главна целна група се младите и локалните заедници во шесте града каде што ќе се спроведуваат културните активности предвидени со проектот, особено девојките и маргинализираните групи.
- Предмет на договорот за набавка
Предметот на договорот за набавка не е делив и за него ќе биде склучен договор за набавка.
Предметот на договорот за набавка вклучува:
А) Развиен стратегиски комуникациски план концепт за промоција и успешна комуникација на 1) видеокампања на социјалните мрежи за промоција на родовата еднаквост (4 видеа) и 2) шест културни настани коишто вклучуваат сниман материјал, интерактивни танцови перформанси и шест дебати во шест града коишто ќе бидат дополнително договорени;
Б) Развивање визуелен идентитет за горенаведените проектни активности. Ова опфаќа најмалку 3 предлог-решенија и дизајн на избраниот визуелен идентитет којшто треба да опфаќа продукти како лого, банер, обрасци за промотивни материјали (пр. покана, флаер, објава за социјални мрежи), документ со насоки за визуелниот идентитет (brandbook) и слично. Понудувачот се охрабрува да понуди и поинакви промотивни и комуникациски продукти заради обезбедување поголема видливост и препознатливост на проектните активности;
В) Развивање слоган и носечки креативни пораки во тесна соработка со проектниот тим во ХЕРА и со правното лице ангажирано за спроведување на културниот настан.
За оваа консултантска услуга e предвиденa вкупна бруто сума од 61.630,00 денари. Рокот за доставување на финалните продукти е 31 март 2024 година. Притоа, рокот за стратегискиот комуникациски план е 1 март, а за визуелниот идентитет, слоганот и носечките пораки до 31 март.
- Критериуми за учество и утврдување способност на понудувачите
Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
- Место на изведување на активноста
Ангажманот и сите обврски што произлегуваат од него ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
- Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по целосната реализација на обврските што произлегуваат од предметот на договорот за набавка.
- Краен рок за спроведување на активноста
Оваа активност понудувачот е должен да ја спроведе во периодот од 31.01.2024 до 31.03.2024 година.
7. Изготвување и поднесување на понудите
7.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска форма.
7.2. Најдоцна до 22 јануари 2024 година сите заинтересирани понудувачи треба да обезбедат и достават:
- кратка биографија (портфолио);
- референтна листа на претходни слични ангажмани;
- предлог-комуникациски план за наведените проектни активности.
7.3. Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо.
- Начин на избор
8.1. Во согласност со одредбите на договорот на проектот поддржан од Фондот „Сигрид Раусинг“, ХЕРА објавува повик за прибирање на понуди.
8.2. При изборот ќе се земат предвид следниве критериуми:
- работно искуство во областа на родовата еднаквост, социјалната инклузија и/или човековите права (најмалку 1 година),
- референтната листа на претходни слични ангажмани (најмалку 3 ангажмани), и
- предлог-комуникацискиот план за промоција на проектните активности.
8.3. Критериумите за избор ќе бидат оценувани на следниот начин:
- работно искуство – 30 поени
- референци – 30 поени
- предлог-комуникациски план – 40 поени
8.4. Сите понудувачи ќе бидат известени за резултатите од објавениот повик за прибирање понуди по електронски пат, најдоцна 5 дена по затворањето на конкурсот.
8.5. Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за развивање проектен визуелен идентитет може да ги доставите електронски на konkurs@hera.org.mk. Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.