Во рамки на проектот „Отвораме можности“, финансиран од Европската Унија, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ќе спроведе две последователни обуки за застапување и развој на локални политики наменети за сите што сакаат да основаат социјално претпријатие.
Обуките ќе се одржат од 17 до 20 април 2018 година во Скопје, а за учество може да се пријават сите заинтересирани невладини организации, претпријатија и претприемач(к)и.
Обуките ќе им овозможат на учесниците да стекнат знаења и техники на застапување, како и да се запознаат со начинот на развивање локални политики во областа на социјалното претприемништво коешто претставува алатка за инклузија на Ром(к)ите и маргинализираните лица на пазарот на трудот.
Преку обуките се очекува да се развие неформална мрежа на невладини организации и социјални претприемачи кои ќе дадат мислење за развојот на социјалното претприемништво на ниво на Град Скопје, во форма на официјален документ за застапување.
Доколку сакате да учествувате во обуките, потребно е да го пополните прашалникот најдоцна до 3 април (вторник). Притоа, клучен предуслов за учество во обуките е задолжителното присуство и активно учество во текот на сите четири денови. Сите пријавени кандидати и кандидатки ќе бидат известени за резултатите најдоцна една недела по затворањето на повикот.
Обуките ќе ги спроведе експертското Здружение за креативен развој СЛАП од Република Хрватска, кое е партнерска организација во проектот „Отвораме можности.“