ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување објавува конкурс за ангажирање на консултант за спроведување на Истражување на јавното мислење за организацијата и Подготовка на комуникациска стратегија.
Ангажманот е во рамките на проектот „Цивика Мобилитас институционален грант ЦМ-ИНС-03“. Цивика Мобилитас е проект на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ), претставен од Швајцарската амбасада во Република Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ).
Во рамки на проектот е предвидено спроведување на истражување на јавното мислење со цел испитување на перцепцијата на јавноста за организацијата и нејзината работа и подготовка на комуникациска стратегија на организацијата.
Повикот е отворен за физички и правни лица.
АНГАЖМАНОТ ОПФАЌА:
Цел и очекувани резултати:
- Да се добие подобра слика за перцепцијата и влијанието на организацијата врз општата јавност
- Да се изработи комуникациска стратегија за унапредување на јавната слика и комуникација на ХЕРА
ОЧЕКУВАНИ ПРОДУКТИ
- Изработка на методологија и дизајн на истражувањето
- Спроведување на истражување на репрезентативен примерок
- Анализа и презентација на првични наоди од истражувањето пред организацијата
- Подготовка на извештај за наодите од истражувањето
- Фасилитирање на процесот на подготовка на комуникациска стратегија преку тридневна работна средба
- Подготовка на комуникациска стратегија која ќе се темели на наодите од истражувањето на јавното мислење и перцепцијата за организацијата и на работната средба
ВРЕМЕНСКА РАМКА:
Ангажманот е очекувано да трае 25 консултантски денови, за периодот април – јуни 2017 година во траење од 20 консултантски денови (за истражувањето) и септември – ноември 2017 во траење од 5 консултантски денови (за комуникациската стратегија)
ПРОФИЛ И КВАЛИФИКАЦИИ НА КОНСУЛТАНТОТ:
Бараме лице/тим/правно лице чија главна одговорност ќе биде:
- Спроведување на истражување на јавното мислење и перцепцијата кај општата јавност за ХЕРА и за работата на ХЕРА и
- Подготовка на комуникациска стратегија на организацијата
Консултантот треба да има знаење и искуство за и во спроведувањето на овој тип на активности за што треба да приложи соодветни докази.
Консултантот/тимот од консултанти/физичкото лице(а) номинирано(и) од правното лице треба да ги исполнува(ат) следните услови:
- Истражувач со 5 годишно искуство како методолог и како главен истражувач во спроведување на истражувања на јавното мислење, за што ќе треба да достави и доказ/портфолио
- Комуниколог со 5 годишно искуство во фасилитирањето и подготвувањето на комуникациска стратегија, преферирано да има искуство и со организации од граѓанскиот сектор
- Во својата биографија да посочи/ат на искуства во работа со граѓанскиот сектор во РМ и познавање на човековите права, сексуалното и репродуктивно здравје и права, правата и потребите на лицата од маргинализираните групи
- Доколку аплицира тим на истражувачи и консултанти, да се наведат улогите на тим лидерот и на останатите членови на истражувачкиот тим
- Способности за планирање и организација
- Течно говорење и пишување на македонскиот и англискиот јазик
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи
- Државјанство на Република Македонија
АПЛИКАЦИЈА:
На повикот може да се пријават физички или правни лица, како индивидуи и/или како тим.
Заинтересираните лица, најдоцна до 10 април 2017 (крај на ден) потребно е да достават:
- предлог методологија и алатки за спроведување на истражувањето
- предлог на акционен план (по активности и денови) за спроведување на истражувањето
- предлог на акционен план (по активности и денови) за изработка на комуникациската стратегија
- предлог буџет според акциониот план
- професионална биографија со вклучени референци на секој од консултантите
- портфолио/листа на клиенти/организации за кои се спроведени истиот/сличниот тип на активности
Документите со назнака Повик за консултант за истражување на јавно мислење и изработка на комуникациска стратегија може да ги доставите на следниот начин:
Електронски, на следната електронска адреса: konkurs@hera.org.mk
По пошта, на адреса: Х.Е.Р.А. ул. Дебарца 56/1-4, Скопје, со назнака (Повик за консултант за истражување на јавно мислење)
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот, по електронски пат, најдоцна 15 дена по избор на консултант.