Почитуван г. Зоран Заев,
Ви се обраќаме во името на Иницијативата на жени од Шуто Оризари – неформална група на активистки од ромската заедница која во рамките на своите активности врши теренски посети на жени и семејства од Шуто Оризари и од други општини каде што живее ромско население, со цел едукација и информирање од областа на социјалната заштита, како и антенаталната заштита и репродуктивното здравје и права. Нашата мисија се состои во унапредување на репродуктивното здравје на Ромките со оглед на нивните специфични потреби како маргинализирана група во општеството.
Воедно, Ви се обраќаме и во името на Групата за застапување за еднакви можности за вработување на жените Ромки, составена од Ромки активистки која делува во рамките на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Групата за застапување се залага за подобрување на состојбата на Ромките во Република Северна Македонија преку нивно економско зајакнување и нивна инклузија на пазарот на трудот. Оваа група работи на застапување за подобрување на стратешките документи и за промовирање на родовата еднаквост во областа на вработувањето.
Дозволете најнапред да го поздравиме конституирањето на новата Влада во нашата држава.
Со особена загриженост ја добивме веста дека во новата Влада нема назначени претставници од ромската заедница во министерствата, како и на позициите за заменици-министри.
Ромската заедница како една од најмаргинализираните заедници во нашата држава секојдневно се соочува со проблеми од најразлични сфери и токму затоа поставувањето на Роми на раководни позиции е од клучна важност за интеграција на ромската заедница.
Европската Комисија во Извештајот за напредокот на нашата држава за 2019 година нотира дека „спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите (2014-2020 година) и на соодветните акциски планови за образование, вработување, домување и пол, како и здравство, е постепено и останува уште многу да се направи за инклузија на Ромите“. Според податоците наведени во Извештајот, стапката на завршување на задолжителното образование изнесува 70%, бројка што е значително пониска од онаа на мнозинското население. Особено се погодени ромските девојчиња, често поради раните бракови. Во однос на домувањето, целта за намалување на јазот помеѓу Ромите и граѓаните кои не се Роми напредува многу бавно, а повеќето од планираните мерки не се спроведуваат. Многу ромски населби не се вклучени во постојните урбанистички планови, а само 17,6% од сите распределени социјални станови им се доделени на Роми. Со 49%, стапката на невработеност на Ромите е значително повисока од онаа кај граѓаните кои не се Роми. И покрај тоа, бројот на Роми кои имаат корист од конкретни мерки за вработување е многу мал. Потребна е ревизија на воспоставениот механизам за промовирање на вработувањето на Ромите на сите нивоа.
Согласно горенаведеното, сакаме да акцентираме и неколку препораки кои се содржани во овој Извештај:
Фундаментални права:
- ,,Да обезбеди поддршка на децата кои се жртви на насилство, Ромите и децата со попреченост, вклучително и преку подобрување на меѓуагенциската соработка“;
Поглавје 19: Социјална политика и вработување
- „Да се подобри активирањето на долгорочно невработените и неквалификуваните лица, вклучително и жените, лицата со попречености и Ромите“;
- „Да се имплементира Стратегијата за намалување на сиромаштијата, Стратегијата за инклузија на Ромите и соодветните акциски планови во таа смисла“.
Поглавје 26: Образование и наука
- ,,Да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено во однос на запишување во предучилишно образование, за децата со посебни потреби и децата од ромската заедница“.
Од дел од наведените податоци и препораки може да се заклучи дека состојбата на ромската заедница во државата останува комплексна, па повеќе од потребно е континуирано да се работи на прашањата од сите области за да се намали јазот меѓу ромското и неромското население.
Со оглед на тоа дека Министерството без ресор задолжено за имплементација на Стратегијата за Роми е укинато и моментално не постои посебно тело кое ќе ја имплементира оваа особено важна Стратегија за Ромите и кое ќе се залага за унапредување на положбата на ромската заедница во општеството, бараме од Вас, како премиер кој се залага за еднакво општество за сите, да ни одговорите во чија надлежност е прашањето во врска со состојбата на Ромите, која е исклучително комплексна.
Оттука произлегува потребата од едно посебно тело кое ќе се залага за имплементирање на политики поврзани со ромските прашања. Бараме да се оформи посебно тело т.н. Директорат кој ќе креира посебни политики за ромските прашања и кој ќе работи на нивна имплементација со што преку интерсекторска соработка ќе работи кон унапредување и интеграција на Ромите. Притоа, препорачуваме ова тело т.н. Директорат да располага со сопствен буџет кој ќе биде издвоен од Владата на Република Северна Македонија и кој на транспарентен начин ќе биде мониториран од страна на Владата и граѓанските организации.
Сепак, би сакале да потенцираме дека инклузијата на ромската заедница истовремено се состои и во инклузијата на жената Ромка. Од особена важност е нејзиното вклучување во процесите на креирање политики во нашата држава.
Токму поради важноста и сензибилизираноста за прашањата поврзани со постигнување еднаквост на жените и мажите, бараме од Вас во овој процес на ангажирање на лицата во овој т.н. Директорат да ѝ се даде можност на жената Ромка.
Силно веруваме во Вашата одлука и се надеваме на правична застапеност на Ромите и Ромките како дел од Владата на Република Северна Македонија и убедени сме дека ова наше барање ќе биде прифатено.
Отворени сме за соработка и Ви стоиме на располагање за остварување на заедничка средба за да детално ги продискутираме барањата содржани во ова писмо.
Со почит, 14.09.2020, Скопје
Иницијатива на жените од Шуто Оризари
Група за застапување за еднакви можности при вработување на жени Ромки
Лице за контакт:
Салија Бекир Халим
salija82@hotmail.com
070 308 743