Денеска маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено! Денеска маршираме за да покажеме дека веќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените.
Бараме:
- Парламентот веднаш и без одлагање да ги донесе Законот за прекинување на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за социјална заштита, онака како што се предложени!
- Владата да обезбеди буџет и институционални предуслови за остварување на ветувањата за унапредување на правата на жените и на родовата еднаквост!
- Афирмативни мерки за вклучување и унапредување на статусот на жените на пазарот на трудот и функционални механизми за заштита од дискриминација на работното место по родова основа!
- Итно отстранување на дискриминаторските критериуми во Националната програма за рурален развој!
- Адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите и на потенцијалните жртви на родово базирано насилство од институциите кои се дел од системот за заштита, како и строго санкционирање на секое непостапување. Обезбедување доволно финансиски средства за бесплатна правна помош за жените кои претрпеле семејно насилство и застапување во граѓанските и кривичните судски постапки. Ги повикуваме основните судови за ги изрекуваат предвидените затворски казни за сторителите на семејно насилство.
- Итни реформи во здравствената заштита за унапредување на репродуктивното здравје на жените – обезбедување пристап до гинеколошки услови за сите жени и целосно искоренување на незаконската наплата на услугите кои следуваат бесплатно кај матичните гинеколози. Унапредени програми со опфат од над 75% од жените за рано откривање на ракот на грлото на матката и ракот на дојката кај жените, зголемен број и квалитет на посети меѓу жените во репродуктивен период, за време на бременоста и во периодот по породувањето, особено кај најранливите категории: Ромките, жените од руралните подрачја и жените кои живеат во неповолни социо-економски услови.
- Закон за спорт и стратегија за спорт во кои се води сметка и за спортистките.
- Локалните власти да обезбедат активно учество во планирањето на програмите и буџетот, пристап до јавен превоз, градинки, вода, осветлување, игралишта и ефикасно собирање отпад.
- Валоризација и поддршка на автентичното женско уметничко творештво и на женското дејствување во културата. Итно донесување на закон за култура со кој ќе се заштитат работничките права на културните работнички и ќе се унапредат нивните услови за работа и за професионален развој.
Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!