АКО Е ВООБИЧАЕНО, НЕ ЗНАЧИ И ДЕКА Е ПРАВЕДНО.
ТРИ ПАТИ МЕРИ, ЕДНАШ СЕЧИ, НО НИКОГАШ НЕ ДИСКРИМИНИРАЈ!
ХЕРА заедно со Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, а со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, од денес ја започнува кампањата за заштита од дискриминација врз сите основи, вклучувајќи ја и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Главната порака на кампањата е „Ако е вообичаено, не значи дека е праведно. Три пати мери, еднаш сечи, но никогаш не дискриминирај!“
Потребата од континуирано потсетување на јавноста за препознавање и пријавување на случаите на дискриминација, особено на локално ниво, се заснова на фактот што бројот на претставките е во постојано опаѓање. Кампањата ќе се емитува на национално ниво, но е фокусирана на локалните самоуправи со кои ХЕРА соработуваше изминатата година. Таа ќе се емитува на 5 локални и 3 национални телевизии, и на македонски и на албански јазик. Дополнително, кампањата ќе биде промовирана преку трибини во 5 градови.
Во проектот за унапредување на механизмите за заштита од дискриминација на локално ниво се вклучија Народниот правобранител на Република Македонија, Министерството за правда и Комисијата за заштита од дискриминација, како и општините Куманово, Штип и Струмица. Притоа се спроведе истражување за потребите на локалните механизми за заштита од дискриминација, по што следеа обуки и прилагодување на позитивните пракси од Холандија. Од овој процес произлезе идејата во кампањата да се стави главен акцент на дискриминацијата и вознемирувањето од омраза засновани на род, социјален статус, како и сексуална ориентација и родов идентитет.
Главен резултат на проектот е основањето на Координативни тела за заштита од дискриминација од страна на Советите на општините Штип, Куманово и Струмица кои ќе работат според Протокол за унапредување на соработката на локалните механизми за заштита од дискриминација. Мултисекторските тела се составени од Координаторот за еднакви можности од секоја од општините, Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, Подрачните канцеларии на Народниот правобранител, Подрачните единици за бесплатна правна помош на Министерството за правда и здруженијата на граѓани. Тие ќе имаат цел заеднички да работат на зголемување на информираноста на граѓаните како да препознаат и каде да пријават дискриминација.
Ја користиме оваа прилика да ги поканиме и останатите општини да се приклучат кон зајакнување на одговорот кон дискриминацијата и да ги преземат добрите пракси на Куманово, Штип и Струмица.
Што се однесува до заштитата од дискриминација на ЛГБТИ заедницата, значајно е да се спомене дека во текот на оваа година, Министерството за труд и социјална политика спроведе консултативен процес за изменување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се надеваме дека во текот на 2017 година ќе се усвојат измени кои ќе вклучуваат сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, што воедно ќе ги охрабри ЛГБТИ луѓето да пријавуваат дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација во текот на 2016 година одлучуваше во неколку случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Во повеќето случаи Комисијата повторно не успеа да
ја препознае дискриминацијата и соодветно да ги примени одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Исклучок од ваквата пракса и позитивен пример беше еден случај каде Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација врз основа на родов идентитет и определи надомест на штета.
Видео спотот дел од кампањата може да го погледнете на следниот линк
Во албанска јазична верзија видеото е достапно на овој линк