Како социјална работничка која долги години работи со луѓе кои живеат со ХИВ, а во исто време и како активистка за човекови права, најмногу ме допираат приказните на младите геј луѓе и начинот на кој тие го прифаќаат ХИВ-позитивниот статус. Како родител кој расте две машки деца, мојата борба против хомофобијата, ХИВ-стигмата и неправдите кон овие млади луѓе ја доживувам уште полично и попредизвикувачки.
Најголемиот дел од времето на професионален план го посветувам на поддршката на лицата кои живеат со ХИВ, за начинот како да го споделат својот ХИВ-позитивен статус со своите блиски, партнери, семејства. Штом го отвориме прашањето за обелоденување на ХИВ во кругот на семејството, се отвора Пандорината кутија, а од неа излегува осуда, негирање и презир. Презир кон родителите, братот или сестрата, близок роднина или врсник, презир што го стекнале уште во детството или пубертетот. Траумите од овие бурни години кои ги носат длабоко во својата млада душа најпрво потекнуваат од родителите кои очекуваат нивното дете да се ожени и да има свое дете, од братот кој се срами од својот „феминизиран брат“, од друг член на семејството кој е полн со омраза за хомосексуалците „кои бараат некакви си права“, но и од врсниците кои немилосрдно го отфрлаат, обележуваат и исмеваат. Сепак, најголемата траума доаѓа од презирот кон самиот себе – најстрашната интернализирана осуда за тоа кој е, токму поради очите со кои општеството гледа на него.
Потиснување на чувствата на привлечност кон истиот пол, вина, срам, осаменост и незадоволство од својот живот се првите проблеми со кои младите геј луѓе растат и почнуваат да го градат својот идентитет. И додека се пронаоѓаат и дефинираат себеси како хомосексуалци, ја започнуваат и личната борба со сопствените демони: неприфаќањето на својот геј идентитет, очајната желба да се променат и да ја „излекуваат“ хомосексуалноста. „Излегувањето од плакарот“ или изговарање на реченицата „јас сум геј“ пред родителите е нешто што упорно се одложува, а многу често никогаш не се случува. Неможноста да се отворат и да разговараат со родителите најчесто се должи на негативните ставови кои катадневно и насекаде ги слушаат за хомосексуалците, на хомофобичните изјави со кои се среќаваат при контактот со роднини и пријатели, па сѐ до непријателските реакции кои поттикнуваат и физичко насилство. Едноставно, чувствуваат како нивните блиски просто „ги мразат хомосексуалците“.
Е токму тие најблиски – родителите, кои му посакуваат сѐ најдобро на своето дете и од најмала возраст се грижат за него, се посветуваат да биде физички здраво и право, во одреден клучен момент потфрлуваат. Токму кога на детето му е најпотребно да го прифатат, да го заштитат од суровата средина и да му покажат дека се тука за него, тие почнуваат со критики, негирање, закани и хомофобични ставови. Едноставно, му покажуваат дека не го прифаќаат како такво. Го доживуваат со доза на мразење бидејќи е „срам за семејството“, се плашат што ќе кажат пријателите, комшиите, другите. И така семејната благосостојба ја заменуваат лаги, затворање во соба, затворање во себе. Отсуството на разбирање и на прифаќање од родителите и поширокото семејство раѓа гнев и чувство на отфрленост. Негативните реакции од средината и обидите на сите околу него да го „преобратат“ и „вратат на вистинскиот пат“ придонесуваат тој да си создаде негативна слика за себе, испреплетена со силно чувство на беспомошност и срам. А подоцна во животот, критиките, забраните, негирањето и стравот стануваат единствениот можен образец на функционирање. Кај голем број од овие млади луѓе менталното здравје се влошува, пред сѐ, поради неприфатеноста и непожелниот статус во средината во која растат и се осознаваат. Секако, кон ова во голема мера придонесуваат и искуствата на вербално малтретирање и физичко насилство.
Па сепак, голем број на млади геј луѓе успеваат да се самоприфатат и да ја надминат интернализираната стигма. Со текот на времето и со помош од најблиските пријатели, пошироката геј заедница или стручни лица, тие ја прифаќаат својата сексуална орентација и почнуваат да живеат со неа. Развиваат отпорност за соочување со стрес, успеваат да ја задржат својата сигурност и самодоверба. Почнуваат да чекорат посмело во социјалниот и љубовниот живот… и, се случува, некои токму тогаш да се соочат со ХИВ. Како дотогаш искусената хомофобија во семејството, недостигот на емпатија и разбирање да не беа доволно! Ова ги погодува како гром од ведро небо – па се прашуваат дали да кажат дома или не. Одново се појавуваат стравот, анксиозноста, психосоматските болести… Па одлуката на крај станува јасна: не сакаат со никого од семејството да го споделат својот ХИВ-статус. Не сакаат одново да бидат жртва, овојпат на двојната стигма и осуда.
И колку и да му објаснувам на тој млад човек дека ќе му биде потребна помош и поддршка од најблиските, дека ќе му треба разговор за проблемите на кои ќе наидува, за чувствата со кои ќе се соочува, одговорот останува ист: семејството не е местото каде што се чувствува заштитено, сакано и разбрано. Семејството не смее да го дознае неговиот ХИВ-позитивен статус.
Во вакви ситуации не можам да не размислувам и за грешките и пропустите што ги направиле родителите на овие луѓе. Ги отуѓиле сопствените деца, кренале ѕид меѓу себе и нив и така остануваат несвесни дури и кога нивните најмили се соочуваат со сериозни животни проблеми. Децата за нив станале апсолутни туѓинци за кои не знаат повеќе ништо.
По секоја ваква искрена исповед од млад човек, си ветувам самата на себе дека ќе ги растам моите деца ослободени од стравот и од предрасудите за нивните животни избори. Ќе дадам сѐ од себе за да знаат дека како мајка сум секогаш тука за нив, со надеж дека само така ќе можат потсвесно во себе да ја носат мислата „ова мора да ѝ го кажам на мама, таа најдобро ќе знае како да се справам“ наместо „за ова мама не смее да дознае.“ А на сите мои блиски, познаници и сограѓани им порачувам: Внимавајте кого мразите, можеби е некоj што го сакате!