Картата со оцена од заедницата претставува истражување со кое деветта година по ред се испитува пристапот до услугите за репродуктивно здравје на жените Ромки од Шуто Оризари во период на бременост, за време на породување и во првите месеци од мајчинството, овојпат во услови на пандемија.
Ромките од Шуто Оризари во 2020 година се соочија со сериозни проблеми и тешкотии во однос на своето репродуктивно здравје и права. Во јануари 2020 година матичниот гинеколог д-р Вјолце Мбјара ја пресели својата ординација во населбата Ченто, со што помеѓу 8 000 и 13 000 жени во репродуктивен период од оваа општина повторно останаа без примарна здравствена гинеколошка заштита. Дополнително, пандемијата со ковид-19 влијаеше на целиот општествено-економски и здравствен живот, па оттука несомнено имаше големо влијание и врз животот на Ромките.
Истражувањето потврдува дека Ромките и натаму наидуваат на голем број пречки при остварување на правото на здравствена заштита и грижа за репродуктивното здравје. Заедницата се соочии со проблеми при набавка на хигиенски средства и опрема за лична заштита.
Дискриминацијата кон Ромите во пристапот до здравствени услуги сѐ уште е пракса. Тоа го потврдуваат тешкотиите на жените при избор на матичен гинеколог, евидентирани како преку истражувањето, така и преку секојдневната работа.
Во однос на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози, кој е еден од најгорливите проблеми за ромската заедница, можеме да заклучиме дека не само што овој проблем и натаму постои, туку и дека е во пораст – бележиме уште повисок процент на незаконска наплата во однос на минатата година. Имено, согласно Картата со оцена од заедницата за 2019 година, процентот на жени на кои сите услуги кај матичниот гинеколог им биле бесплатни е 43%, додека оваа година е само 14%. Исто така не се спроведуваат сите потребни антенатални прегледи кај жените, што претставуваа ризик за здрава бременост и ризик во однос на репродуктивното здравје. Програмата за активна здравствена заштита повторно се покажа дека е неефективна и дека мерките од неа не се искористуваат. Особено загрижуваат годинешните податоци во врска со посетите на патронажните сестри. Бројот на посети од патронажните сестри е многу мал, особено во текот на бременоста, но поради пандемијата со ковид-19 намалена е и посетеноста по породувањето.
Апелираме најитно Министерството за здравство да преземе итни и трајни мерки за обезбедување на гинеколошки услуги од матичен гинеколог во општината Шуто Оризари, како долготрајно решение и заедно со Фондот за здравствено осигурување да преземат системски мерки за надминување на проблемот со незаконската наплата на гинеколошките услуги кој особено ги погодува Ромките.
Целосното истражување, со сите наоди и препораки е досатапно на македонски јазик тука