За време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19, овдешните медиуми речиси и да не го покренуваат прашањето како да превенираме посериозни последици кај лицата кои употребуваат супстанци.
Лицата кои употребуваат супстанци можат да бидат изложени на дополнителни ризици, поради што е потребно да се развијат стратегии за проценка и ублажување. Лицата кои употребуваат супстанци се во поголем ризик од бездомништво за разлика од општата популација, со што расте и ризикот за пренесување на вирусот.
Бидејќи пораките за намалување на штетите обично се фокусираат на ризиците поврзани со инјектирање, помалку внимание им се посветува на другите начини на консумирање. Заразувањето со КОВИД-19 може да има дополнителни ризици кои во моментов не се широко познати, на пример, споделување на ист џоинт, цигари, е-цигари и сл.
Во однос на горенаведеното, на младите и на лицата кои употребуваат супстанци им се препорачува следново:
- Намалување или избегнување на употребата на алкохол. Употребата на алкохол не превенира од вирусот и во ниеден случај не го уништува.
- Намалување или целосно откажување од цигарите/е-цигарите/употребата на марихуана. Познато е дека КОВИД-19 ги напаѓа белите дробови и предизвикува пневмонија.
- Употребата на алтернативни лекови за спречување на вирусот може да предизвика дополнителни здравствени импликации, со можни последици.
- Пред употреба на какви било лекови, консултирајте се со матичниот лекар.
- За родителите: Осигурајте се дека вашите деца се заштитени. Дајте им до знаење дека е разбирливо доколку се чувствуваат вознемирено во ваква ситуација. Споделете со нив техники на справување со стресот.
- Консултирајте се со стручно лице доколку ви е потребна подршка за намалување или прекинување на употребата на алкохол, цигари, марихуана и др.
- Консултирајте се со стручно лице доколку се чувствувате вознемирено, под стресили сте со лошо расположение.
Во прилог на тоа, за време на вонредната состојба предизвикана од КОВИД-19, во Младинските центри „Сакам да знам“ обезбедуваме онлајн услуги со психијатри во рамки на Советувалиштето за заштита од ризици и употреба на супстанци кај млади лица, родители и партнери на телефонот (02) 2 651 955 секој работен ден од 11 до 18 часот.
Ова советувалиште е единствен сервис во државата кое работи на превенција од употреба на дроги и други супстанци кај младите лица, родителите и партнерите.
Сите услуги во Советувалишето се бесплатни и доверливи. За нивно добивање не се потребни документи за лична идентификација, ниту пак здравствено осигурување или здравстевна легитимација.
Во Советувалиштето се нудат повеќе видови на услуги – советување, поддршка и третман за млади лица како главна целна група, но и за партнери, родители и стручни лица од образовниот систем. Пристапот е сеопфатен и им нуди поддршка на лицата кои имаат проблем, но и на потесната заедница.