ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од шведската фондација Квина тил Квина, објавува повик за ангажирање на две фокални точки како клучни соработници/соработнички во заедницата за мапирање и поддршка на невработени Ромки кои имаат интерес да се вработат преку користење на мерките за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ).
Вовед
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го спроведува проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од страна на шведската фондација Квина тил Квина, чија главна цел е да се зголеми пристапот и учеството на Ромките на пазарот на трудот. Проектот започна со реализација во 2021 година и е продолжен и во 2023 година.
Целта на проектот е преку застапување на локално и национално ниво да се зголемат заложбите на централната и локалната власт за пристапот и учеството на Ромките на пазарот на труд. Поради тоа, секоја година се спроведува мониторинг на искористеноста на мерките и услугите од Националниот оперативен план за вработување од страна на Ромките, се со цел подготовка и имплементација на подобрени мерки за вработување, што би довело до поголема вклученост на Ромките во пазарот на труд.
Од спроведениот мониторинг за искористеност на активните мерки и услуги за вработување сè уште се забележува ниска искористеност од страна на Ромките. Податоците од спроведениот мониторинг за 2021 година укажуваат на зголемување на невработеноста кај Ромките во сите возрасни групи, а особено кај младите Ромки на возраст меѓу 20-24 години кај кои во 2021 година имало зголемување за дури 137 %. Дополнително, од вкупниот број на жени кориснички на националните мерки за вработување во текот на 2022 година, само 224 биле Ромки.
И покрај постоењето на мерки и програми за вклучување на невработените лица на пазарот на труд, бројот на невработени Ромки сѐ уште е алармантен. За таа цел, ХЕРА објавува повик за ангажирање на две фокални точки како клучни соработнички за мапирање на невработени Ромки кои имаат интерес да се вработат преку користење на мерките за вработување од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година.
Ангажираните фокални точки ќе треба:
- Да ги промовираат мерките за вработување во заедницата преку теренска работа и одржување на средби со Ромки;
- Да дистрибуираат флаер на терен;
- Да мапираат невработени Ромки кои не се пријавени како активни баратели на работа во АВРСМ, а кои би сакале да се вработат преку користење на постоечките мерки и програми за вработување од Оперативниот план;
- Да подготват база на податоци со нивни лични податоци кои ќе можат да се користат во текот на 2023 и 2024 година;
- Да ги придружуваат Ромките до просториите на АВРСМ и да им пружат помош при нивно пријавување како активни баратели на работа и кориснички на националните мерки за вработување;
- Во периодот на ангажманот да го постигнат индикаторот од 30 (триесет) невработени Ромки кои се пријавени како активни баратели на работа во АВРСМ, од кои најмалку 15 (петнаесет) ќе започнат со користење на некоја од определените национални мерки за вработување;
- Да подготвуваат месечни извештаи за исполнетост на индикаторите.
Продукти за испорака:
- Месечни извештаи за опфатот на локации, спроведените активности и вкупниот број на мапирани Ромки;
- База на податоци од мапираните Ромки кои се заинтересирани за вработување преку АВРСМ, оние кои се пријавени како активни баратели на работа и како кориснички на националните мерки за вработување.
Овој ангажман опфаќа период од 4 месеци (август – ноември) и вкупна бруто сума од 1.332 евра во денарска противвредност, односно, по 666 евра во денарска противвредност за секое од ангажираните лица.
При изборот на двете фокални точки, ќе се земат предвид следните услови:
- Познавање на националните политики за вработување кај кои како целна група на корисници се јавуваат Ромки;
- Познавање на спецификите и потребите на маргинализираните групи на граѓанки во областа на вработувањето;
- Вештини за пишување на извештаи;
- Способност за планирање и организација;
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидат(к)и кои:
- Имаат претходно искуство во работа на терен за споделување на информации за одредена тематика.
Потребни документи:
- Кратка биографија (на македонски јазик);
- Референтна листа на претходни слични ангажмани;
- Листа со предлог-локации кои ќе бидат опфатени со теренската работа и понудена методологија за мапирање на целната група.
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и и организации до 31 јули 2023 година.
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за ангажирање на две фокални точки за мапирање невработени Ромки кандидат(к)ите можат да ги достават електронски, на следната е-пошта: konkurs@hera.org.mk
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот по електронски пат, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или која било друга основа.