ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, поддржан од страна на Британската амбасада Скопје, објавува повик за избор на консултант/-ка за Подготовка на методологија и алатка за креирање политики базирани на родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ). Методологијата РЕСИ ги таргетира и проценува тековните родови нееднаквости и придонесува за намалување на разликите, обезбедување еднакви права и можности на сите поединци без разлика на нивниот социјален идентитет и статус во општеството.
Вовед
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го спроведува проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, поддржан од страна на Британската амбасада Скопје, чија главна цел е да изгради и поддржи национална платформа за родова еднаквост и структура која ќе биде во состојба да промовира и лобира за родово сензитивни политики и практики кои потполно ќе ги заштитат правата на жените и девојките во Северна Македонија.
Во рамки на проектот, централен пристап ќе биде усвојувањето на методологијата за родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ), која ќе претставува алатка што ќе обезбеди примена на стандардите за родова и социјална вклученост во развивањето на новите политики. Преку изготвување на методологијата и последователни работилници за градење капацитети и застапување, проектот ќе ги зајакне засегнатите страни, вклучувајќи професионалци од владините институции и политичките партии да се ангажираат со методологијата на РЕСИ и ефективно да ги интегрираат родово-заснованите политики во различни секторски области. Секторските области и политики ќе се изберат во согласност и со Националната развојна стратегија (НРС). Планот е методологијата и алатката РЕСИ да се вклучат во тековната политика за Проценка на влијанието на регулативата (ПВР), како дел од институциите на системот. Избраните области и секторски политики ќе се проценат во однос на стандардите за родова и социјална вклученост, со соодветен предлог како да се променат тековните политики. Притоа методологијата и алатката РЕСИ ќе послужи за проценка и проверка на новите политики во однос на поставените РЕСИ стандарди.
Понатаму избраните политики ќе бидат евалуирани употребувајќи ја РЕСИ методологијата за да се пилотира пристапот и да се прилагоди на националните услови и околности. Ова ќе биде спроведено во тесна соработка со претставници од институциите, кои ќе бидат оспособени да идентификуваат конкретни области во рамки на постоечките политики што треба да се менуваат и да дадат предлози што ќе осигураат инклузивност во разбирањето на родовите прашања.
За таа цел, ХЕРА објавува повик за избор на консултант/-ка за Подготовка на методологија и алатка за креирање политики базирана на Родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ)
Ангажираниот/-ата консултант/-ка ќе треба да:
- Направи соодветен desk-research на достапни материјали за креирање и примена на РЕСИ методологијата во земјата, регионот или во други делови од Европа и светот;
- Обработи минимум 3 земји кои изградиле и примениле ваква методологија и алатка во регионот, Европа или светот;
- Прибере определени примарни и секундарни податоци за знаењата и искуствата на клучните институции за примена на ваков тип методологија и алатка; Примарните податоци може да вклучат податоци од клучни интервјуа со креаторите на политики или други домашни експерти, полу-структурирани интервјуа, фокус групи или сл.
- Постави релевантна структура на документот која ќе вклучи појаснување на концептот, пристапот, потребните стандарди, како и начинот на кој ќе се применува методологијата и алатката РЕСИ во нашата земја;
- Направи посебен осврт за вградување на оваа методологија и алатка во тековниот систем за Проценка на влијанието на регулативата (ПВР);
- Предвиди соодветни индикатори според кои ќе се проценуваат тековните и идните политики во однос на тоа како и колку се имплементирани поставените стандарди;
- Подготви финална методологија и алатка за креирање политики базирана на Родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ);
- Направи посебна обработка на делот на неопходна обука за примена на методологијата во наменета за претставници од владиниот и невладиниот сектор;
Продукти за испорака:
- Предлог методологија и временски план за изготвување на задачата
- Подготвена методологија РЕСИ и алатка за креирање на политики како финален документ. Финалната стуктура на документот е предмет на договор помеѓу избраниот консултант/ка и ХЕРА, но секако би требало да ги содржи следните поглавја/делови: (1) Извршно резиме, (2) Опис на концептoт, методологијата и алатката РЕСИ (3) Оправданост и придобивки од примената на методологијата и алатката РЕСИ во креирање на политиките (4) Позитивни искуства од други земји (5) Потребни стандарди за родова еднаквост и недискриминација по основ на родов идентитет (6) Методи и техники за примена и спроведување на политиката со посебен осврт на нејзино интегрирање во процесот на Проценка на влијанието на регулативата (ПВР) (7) Мониторинг и евалуација на РЕСИ методологијата и алатката (8) Техники и средства за обука на клучните засегнати страни за примена на методологијата
За оваа консултантска услуга е предвидена вкупна бруто сума од 2450 EUR (2100 £) во денарска противвредност. Крајниот рок за доставување на крајните продукти е 15 септември 2024 година.
При изборот ќе се земат предвид следните општи услови:
- Завршено високо образование, со повеќегодишно искуство во изработка на методологии, анализи и прирачници;
- Повеќегодишно искуство во областа на родовата еднаквост и/или заштита на правата на маргинализирани групи;
- Напредни познавања на системот на креирање политики и промена на регулативата;
- Повеќегодишно искуство и учество во различни квалитативни и квантитативни истражувања;
- Развиени вештини за изготвување и пишување на извештаи;
- Течно говорење и пишување на македонскиот и англискиот јазик;
- Способност за планирање и организација;
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидат(к)и кои имаат искуство во работа со услуги од областа на социјалната и/или здравствената заштита и политика.
Потребни документи
- Кратка биографија на македонски или англиски јазик
- Референтна листа на претходни слични ангажмани
- Предлог методологија и временски план за изготвување на задачата
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и до 30-ти јуни 2024 година.
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за избор на Консултант/ка за подготовка на методологија и алатка за креирање политики базирани на родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ), кандидат(к)ите можат да ги достават на следниот начин:
- електронски: konkurs@hera.org.mk;
- по пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ул.„Франклин Рузвелт“ бр.51а/26, 1000 Скопје.
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот по електронски пат, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или било која друга основа.