Вклучувањето во системот на социјална заштита и проширувањето на програмите за социјална заштита е неопходен чекор за задоволување на егзистенцијалните потреби и зачувување на здравјето и благосостојбата на сите граѓани во услови на криза. Притоа, особено треба да се запази принципот на еднаквост, што значи дека дури ни во вакви услови не смее да има заборавени категории – мерките треба да ги опфатат сите граѓани и никој не треба да биде изземен од нив.
Сакајќи да испитаат како новодонесената социјална реформа и владините мерки усвоени во услови на пандемијата со ковид-19 влијаеја врз квалитетот на живот на граѓаните, во 2021 година ХЕРА, Ромалитико – Институт за истражување и анализа на политики и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари го спроведоа истражувањето „Истражување за искористеност на правата од социјална и детска заштита_ХЕРА и Ромалитико“.
Опфаќајќи 950 Роми и Ромки од вкупно 16 општини од целата држава, ова истражување прави анализа на искористеноста на правата од социјална и детска заштита од страна на ромската заедница во 2019 и 2020 година, опфаќајќи ги сите фази – од информираноста на ромското население за социјалните права и поднесувањето на документите до исходот од самото аплицирање.
Дел од наодите посочуваат дека исклучително високи 92 % од опфатените испитаници не поднеле жалба откако добиле негативно решение во врска со некое социјално право и тоа, главно поради недовербата во институциите и немањето комплетна документација. Од друга страна, поради тоа што вработените изоставиле одредени информации и поради недоволното познавање на македонскиот јазик, 36 % од испитаниците не знаеле кои се условите и критериумите за остварување на одредени права од социјалната и детската заштита.
Покрај тоа што дава преглед на состојбата на терен, истражувањето дава и препораки за законски измени и дополнувања за да се подобрат достапноста и искористувањето на правата од страна на ранливите категории, особено од ромската заедница. Достапно е на следниот линк.