Сакајќи да ги разнишаме предрасудите поврзани со планирањето на семејството и правото на родителство, разговаравме со Елена Ѓурчиновска, жена со церебрална парализа и хемипареза, која во 2018 година беше бремена и сингл. Денес е мајка на двегодишниот Огнен и со задоволство ја раскажа својата приказна за да охрабри и други жени со попреченост да ја уживаат својата репродуктивна слобода. Приказна која недвосмислено покажува дека како и за сѐ друго кога се лицата со попреченост во прашање, попреченоста не е никојпат пречка туку се стереотипите, предрасудите, физичките бариери во јавно-здравствениот систем и недостигот на сервиси за нивна поддршка во локалната заедница.
ХЕРА: Како почна твојата приказна за бременоста?
Елена: Одамна размислував дека сакам да се остварам и како мајка и сметам дека тоа е право на секого, без разлика дали има или нема партнер.
Јас сакав да станам мајка и решив тоа да биде со ин-витро, и без партнер почнав да се распрашувам и да барам опции за да го остварам замисленото.
Најголемите бариери на кои наидов беа општествените. Предрасуди и чудни прашања. А ме видеа дека сум бремена, веднаш ги слушав коментарите и прашањата од комшиите и неважни луѓе. „Зошто да се мачиш кога не можеш да го доносиш?“ „Што ти требаше ова? Ти самата не можеш да се гледаш, а не дете да гледаш.“ Сега, откако имам 2-годишно дете, пак слушам прашања ама од типот на „Каде е таткото?“ или „Кој му е татко?”
Државата нуди можност ин-витрото да биде на товар на ФЗОМ, што за некои е олеснителна околност, но за мене беше првата пречка. Фондот покрива ин-витро и за сама деловна жена, но меѓу сите документи што ги бараат, а верувајте многу се, треба да се достави и извештај од специјалист со кој се докажува неплодноста на жената/мажот или дека последните три инсеминации биле неуспешни.
Јас не можев да докажам неплодност затоа што немав и немам проблем со неплодност и зачнување. Едноставно, не сакав да имам партнер, ниту, пак, да ми се повтори лошото акушерско минато. Среќа, поради тоа што лошото акушерско искуство можев да го докажам со документација, добив ваучер и можност за ин-витро постапка.
Меѓу документите што требаше да ги доставам беа и потврда за неосудуваност, потврда за деловна способност и потврда за неодземено родителско право, коишто ги издава Основен суд 2. Сето ова го спомнувам бидејки е контрадикторно со член од Уредбата за посвоителна постапка каде што е јасно наведено дека „лице со било каков вид и степен на попреченост не може да посвои дете“, а бараат потврда за неодземено родителско право, што јас, секако, ја извадив од Основен суд 2.
Откако ја собрав сета документација, што траеше долго, еден мој пријател, инаку прекрасен човек со големо срце и специјалист за гинеколог, ме спои со д-р Клементина Кузеска од една приватна здравствена установа, која е прво човек, а потоа и врвен доктор во својата област. Од неа ја добив, пред сè, моралната подршка која и тоа како е потребна во целиот процес, како и довербата.
ХЕРА: По што ја памтиш бременоста?
Елена: Имам церебрална парализа, хемипареза на десната страна. Имав уредна контролирана бременост, но поради проблемот со ногата, бременоста ми се водеше како патолошка, па по препорака на специјалист уште од првото тримесечје не одев на работа. Повеќе време поминував дома и ми недостасуваа социјалните контакти.
Во петтиот месец ми открија скриен шеќер. Ме упатија по протокол на ендокринолог и добив режим на исхрана на кој морав да се придружувам. Па, така, бременоста ми беше пријатна и ништо не ми претставуваше проблем – единствено ми фалеше контакт со луѓе.
ХЕРА: Кои информации ти беа потребни за време на бременоста? Каде се информираше?
Елена: Во текот на целата бременост, во секое време на располагање ми беше мојата омилена д-р Кузеска, или како што јас си ја викам д-р Нина. Дополнително, во приватната здравствена установа каде што таа работи, се организираа бесплатни предавања на различни теми поврзани со бременоста, мајчинството и доењето, кои ми беа од голема полза. Тие предавања се отворени за сите жени, независно каде ќе решат да се породат. Така, на пример, научив многу за доењето, за различните техники, за техниката што мене најмногу ми одговара…
Инаку, уште на 19 години, многу долго пред да одлучам за бременост, сакав да знам дали мојата состојба може да се пренесе наследно. Тогашниот гинеколог ми објасни дека нема наследна компонента. Но, тоа не ми беше доволно, сакав и доказ и затоа направив и испитувања кои ми го потврдија истото.
Додека бев бремена, ме интересираше како можам да се породам, природно или царски. Поради попреченоста, ми беше важно дали анестезијата ќе ми делува. Од специјалистот научив дека поради стрес, кога сум возбудена или кога искусувам силни емоции, ми се јавуваат спазми. Затоа и анестезијата послабо делува, што инаку ми го спомна и матичниот гинеколог. Ортопедот, пак, ми напомна дека за жени со мојата состојба не се препорачува бременост по 35-та година затоа што може да дојде до влошување и да биде неопходно користењето на количка. Јас, засега, сè уште се движам самостојно.
Пред воопшто да се случи ин-витро постапката, добив советување и поддршка од психолог. Искуство кое е непроценливо значајно за целата постапка, ама и за подоцна. На почетокот, жената прави психолошки тестови и поминува низ проценка која е многу важна за да може да и` се обезбеди соодветната поддршка, за да знае, на пример, кога и како да му каже на детето дали има татко и кој му е татко, а не како што кај нас обично прават, да кажуваат дека таткото е починат или да измислуваат разни слични невистини. Огромно и значајно искуство за жената додека е бремена, ама и по породувањето.
ХЕРА: Каде ги правеше прегледите и препорачаните испитувања?
Елена: Повеќето испитувања и прегледи ги правев во приватни лаборатории и во приватната болница каде што се породив, и тоа само поради непречениот пристап до услугите. Сум била и во јавното здравство ама таму неколкупати имам паднато од гинеколошкиот стол затоа што не е хидрауличен и за жал, зависиш од милоста на персоналот.
ХЕРА: Како помина породувањето?
Елена: Ме примија ден порано за да ме подготват за царски рез. Првиот ден ми ги направија потребните испитувања и ми ставија различни бои на алки за да персоналот биде свесен за можните ризици (опасност од паѓање, алергиска реакција, скриен шеќер итн.). Секоја жена, зависно од состојбата, носи различен број и различни бои на алки според протокол. Памтам, на секои 15-20 минути ќе влезеа да проверат дали ми е нешто потребно…
Породувањето беше со царски рез во договорен термин. Мораше вака поради претходен царски рез, но и поради мојата состојба, спазмите и треморот кои беа присутни. И покрај епидуралната анестезија, чувствував безмалку сè, но благодарение на присебноста на д-р Нина и професионалноста на целиот тим во салата, породувањето помина во најдобар ред. Сета болка што ја чувствувам ја снема кога го видов син ми Огнен, кога ни се допреа лицата.
ХЕРА: Каков тип на поддршка ти беше потребен во болница по породувањето?
Елена: По породувањето во болница ми требаше помош и поддршка во преместувањето на бебето од неговото креветче до мојот кревет, кога требаше да го дојам. Таа подршка ја имав од медицинскиот персонал во болницата и морам да споделам дека во текот на целиот престој таму, имав еднаков третман и поддршка како и пристап до сите информации кои ми беа потребни за мене и за моето бебе.
Станав првиот ден по породувањето, како ништо да не било. Во минатото имав многу операции на ногата, па имам висок праг на толеранција. Прво станав со помош од сестра. Вториот ден станав сама, се движев, и памтам докторката ми рече „Од што си направена, дали од железо, дали од челик?“
Поради мојата состојба, имам ограничени движења со десната рака и не можам да ја користам за фина моторика, па така не можев ни да го држам бебето и да го дојам. Со помош од персоналот, увидовме дека најдобро е да го дојам во лежечка положба, легната на десната страна за да можам да манипулирам со левата рака. Во болница научив и како да го бањам бебето. Првите четири дена го бањаа тие, а јас гледав и учев. Петтиот ден го бањавме заедно, па кога си дојдовме дома така продолжив со помош од мајка ми.
ХЕРА: Што би им рекла на жените со слична состојба како твојата, што сакаат да забременат со ин-витро?
Елена: Би им препорачала најпрво да бидат сигурни дека ги имаат целосните и точните информации за целиот процес на ин-витро оплодувањето, за бременоста, за сите ризици, но и за можните решенија. Да одберат доктор и тим во кој ќе имаат безрезервна доверба, како и луѓе околу себе кои ќе им требаат по породувањето. И да бидат позитивни и истрајни, оти без тоа не се стигнува до целта.
Вториот дел од интервјуто е достапен на следниот линк.