ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување по четврти пат ја одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ, која годинава трае од 17 до 24 ноември. Организирана како заедничка акција на повеќе од 400 организации од Европа кои работат на превенција и грижа за ХИВ, Европската недела на тестирање за ХИВ има за цел да информира за придобивките од тестирањето за ХИВ и за опциите за тестирање, терапија, грижа и поддршка, со што се подига свеста кај општото население, се надминува стигмата и се поттикнуваат граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус.
Најновите податоци укажуваат дека во Европа има околу 1,2 милиони луѓе со ХИВ, од кои 25% не се свесни дека се ХИВ-позитивни, а половината доцна го дознаваат својот ХИВ-статус со што се одложува пристапот до терапија. Кај нас, пак, според проценките на Светската банка и Министерството за здравство, на крајот на 2014 година биле дијагностицирани околу 50% од лицата што живеат со ХИВ, додека останатите не биле свесни за својот ХИВ-статус.
„Сите имаме ХИВ-статус. Го знаеш ли својот?“ е пораката со која годинава ги охрабруваме сите да се тестираат за ХИВ, а особено оние кои имале незаштитен сексуален однос, потсетувајќи дека кај нас сексуалниот е најчестиот начин на пренесување на ХИВ.
Навременото дијагностицирање на ХИВ е клучно за да може да се пристапи кон антиретровирусна терапија (АРТ), која е и едно од најефективните средства за превенција на ХИВ затоа што го спречува пренесувањето на вирусот на други лица. Оттука, лицата со ХИВ може да имаат квалитетен живот и изедачен животен век во споредба со луѓето со негативен ХИВ-статус.
Тестирањето за ХИВ е доброволно, бесплатно, доверливо и брзо. Токму затоа, во текот на Европската недела, младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно ќе работи со продолжено работно време, односно ќе нуди советување за ХИВ и тестирање со брзи ХИВ-тестови секој ден од 17 до 24 ноември во период од 15.00 до 21.00 часот. Бесплатна за преземање е и мобилната апликација ХИВ ТЕСТ на Гугл Плеј (Google Play), која дава информации за ХИВ и за најблиската локација каде што може бесплатно да се добие советување за ХИВ и да се направи ХИВ-тест.
Европската недела на тестирање за ХИВ ќе ја одбележиме и со две креативни работилници за изработка на дизајнирана гардероба која ќе ја вклучи и препознатливата црвена панделка, и на сексуални помагала од материјали за рециклирање. Работилниците ќе имаат и едукативна компонента поврзана со правилната употреба на кондоми и сексуалното и репродуктивното здравје.
Кон подигањето на јавната свест ќе помогнат и волонтерите на ХЕРА, кои на јавни места во централното градско подрачје ќе делат информативни материјали за ХИВ и за сервисите на ХЕРА, како и бесплатни кондоми. Активностите со кои се одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ се организираат со поддршка од Министерството за здравство на Република Македонија и Viiv Healthcare.
Најпосле, потсетуваме дека во рамки на Целите за одржлив развој, Република Македонија се обврза да ѝ стави крај на епидемијата на ХИВ како јавно-здравствен проблем до 2030 година, а со политичката декларација за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на ООН, се обврза до 2020 година да ја постигне целта 90-90-90, односно 90% од проценетиот број на лица што живеат со ХИВ да го знаат својот статус, 90% од нив да бидат ставени на антиретровирусна терапија и 90% од оние што ја примаат терапијата, да имаат успешно контролирана инфекција (постигнато недетектабилно ниво на вирусот во крвта). Tестирањето за ХИВ е основната превентивна интервенција за постигнување на Глобалните цели за целосна контрола на епидемијата на ХИВ.