20 ноември 2015 година, Скопје
Невистинити информации за ХЕРА објавени од Курир.мк
Ве информираме дека во написот на Курир.мк објавен на 18 ноември 2015 година, под наслов „Документите покажуваат: Ременски ги партизира институциите и работи спротивно од закон“ се изнесени невистинити информации. Порталот информира дека: „Мила Царовска е ангажирана во невладината организација ХЕРА, каде работи како програмски координатор и почнувајќи од 06.04.2012 година се уште е во работен однос на неопределено време за што сведочи извод од М1/М2.“
Ја информираме јавноста дека Г-ца Царовска повеќе не работи во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување –ХЕРА. Датумот на престанок на работниот однос евидентиран во образецот М1/М2 е 16 ноември 2015 година.
Оваа вест беше преземена и пренесена од повеќе медиуми, иако некои од нив навремено ја коригираа неточната информација. Покрај тоа што на 19.11.2015 испративме демант до порталот Курир.мк, ниту имаше корекција на неточната информација ниту, пак, беше објавен текстот на демантот што е спротивно на новинарскиот кодекс.
Со овој непрофесионален начин на информирање се прави тенденциозен обид за дискредитација на ХЕРА и на нашата доскорешна и ценета колешка. Но уште повеќе, втурнувањето на ХЕРА во неколкудневна политичка медиумска кампања од страна на медиуми со репутација како онаа на порталот Курир.мк го гледаме како политички притисок врз работата на невладините организации.
Се надеваме дека медиумите кои сѐ уште се водат од новинарската етика ќе направат соодветна корекција и ќе ја известат јавноста за фактичката состојба.
Бојан Јовановски, извршен директор