Со кратење на буџетот за превенција од ХИВ за 40 %, Министерството за здравство го става на коцка здравјето на најмалку 10.000 засегнати граѓани!
На скандалозен и паушален начин, без каква било стручна дискусија, Министерството за здравство скрати дури 40 % од средствата предвидени за превенција на ХИВ во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, која Владата ја усвои пред само еден месец. Со тоа, државата ги става во ризик од згаснување воспоставените капацитети за контрола на ХИВ-инфекцијата во земјава и го загрозува здравјето на најмалку 10.000 граѓани од маргинализираните заедници.
Наместо предвидените 46,5 милиони денари во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција наменети за услугите за превенција на ХИВ што ги спроведуваат околу 14 здруженија во 12 града во земјава, Министерството за здравство завчера објави јавен повик за здруженија со износ намален за дури 19 милиони денари. За одлуката не е консултирана националната комисија за ХИВ.
Благодарение на овие програми, Република Северна Македонија во изминатите 15 години одржуваше целосна контрола на епидемијата на ХИВ во популациите на луѓе што инјектираат дрога и сексуални работници и една од најниските стапки на инфекција во регионот. Во изминатите 3 месеци целокупниот национален одговор кон оваа епидемија е буквално на товар на 14 граѓански организации, кои продолжуваат со работа без никаков надомест за својот труд.
Прекинувањето на услугите за ранливите групи ќе значи пораст на нови инфекции и пораст на смртни случаи поради ХИВ, а од друга страна и зголемен притисок врз клучни здравствени институции, како што се Клиниката за инфективни болести и центрите за лекување на зависности. Дури и мал пораст на епидемијата на ХИВ ќе доведе до многукратно зголемување на трошоците за лекување и здравствена грижа. Оттука, одлуката за арбитрарно кратење едноставно е лоша јавно-здравствена политика.
Услугите за ХИВ што ги нудат граѓанските организации ги воспостави Министерството за здравство од 2005 до 2017 година со поддршка од Глобалниот фонд за борба против СИДА, кој има инвестирано 25,7 милиони долари за градење на националниот одговор кон ХИВ во земјата. Тие опфаќаат теренски и стационарни услуги за анонимно ХИВ-тестирање, советување, дистрибуција на средства за превенција на ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции, дијагностика и третман на сексуално преносливи инфекции, мобилни гинеколошки услуги, поддршка на луѓето што живеат со ХИВ и луѓето што се лекуваат од зависност од дрога и други комплементарни услуги. Од 2018 година, по завршувањето на надворешната финансиска поддршка, Владата на Република Северна Македонија формално го презеде како своја обврска финансирањето на услугите за превенција на ХИВ за групите изложени на поголем ризик и во своите политики се обврза да ја гарантира одржливоста во иднина.
Во Македонија сè уште млади луѓе умираат од ХИВ, а според методологија на Европскиот центар за контрола на болестите се проценува дека дури една третина (34 %) од вкупниот број лица што живеат со ХИВ во земјава не се свесни дека го имаат вирусот. Со ова Македонија значително заостанува зад просекот на светско ниво, кој за 2020 година изнесувал само 16 %. Глобалната цел до 2025 година е процентот на лица што не се свесни дека имаат ХИВ да се сведе на помалку од 5 %, што ќе доведе до драстичен пад во преносот на инфекцијата и ќе овозможи да се стави конечен крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.
Свесни за војната во Украина, каде што губиме наши пријатели и колеги, свесни за последиците од ковид-19 и за енергетската криза, алармираме дека мора да се одржи здравствената заштита за сите граѓани, вклучително и на најмаргинализираните, чие здравје се одразува и врз здравјето на целата популација. Превенцијата кај ранливите групи и кај младите не смее да биде жртва на политики за рационализација на државниот буџет. Во спротивно, порастот на епидемијата на ХИВ само ќе ги зголеми трошоците, а државата ќе плати со губење на човечки животи.
Имајќи ја предвид алармантната ситуација и повикувајќи се на обврските на земјата од Политичката декларација за ХИВ и СИДА на Обединетите нации од јуни 2021 година, вклучително и обврската за ставање крај на епидемијата на ХИВ, како и на обврските преземени од Владата да се обезбеди континуитет на програмите за ХИВ, бараме:
- Итно да се коригира објавениот јавен повик за здруженија што ќе ги спроведуваат активностите за превенција на ХИВ во согласност со износите предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, усвоена од Владата во февруари годинава;
- Владата и Собранието конечно да го гарантираат континуитетот на веќе воспоставениот систем за заштита од ХИВ. Тоа значи: Собранието без одложување и во целост да ги усвои измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на механизмот на вклучување на здруженија во спроведувањето на здравствените програми, а Министерството за здравство да развие подзаконски акти со кои ќе ги исполни обврските од заклучоците усвоени од Владата во септември 2017 година и обврските од претходната и тековната Стратегија на Владата за соработка и развој на граѓанскиот сектор;
- Поради големото доцнење на објавата на јавниот повик, Владата и Министерството за здравство преку интервентна поддршка да ги надоместат трошоците на здруженијата за првото тримесечје од 2022 година настанати поради нивното посветено одржување на националниот одговор кон ХИВ.