За македонските граѓани хомосексуалците се една од најмалку прифатливите групи сограѓани. ЛГБТИ луѓето се соочуваат со дискриминација на работното место, при користењето на правата од социјалната заштита и при пријавување случаи во полициска станица. Од 2015 година до денес, членките на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата имаат документирано 144 случаи на повреда на правата на ЛГБТ луѓето поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет, меѓу кои има и голем број случаи на насилство, говор на омраза, дискриминација во образованието, па дури и при влез во кафуле.
Сакајќи да ја подигне свеста за правата на ЛГБТИ луѓето кај пошироката јавност, но и кај самата ЛГБТИ заедница за механизмите на пријавување дискриминација и насилство, Локалното координативно тело за заштита од дискриминација во Општина Струмица, со наша поддршка, ја изготви брошурата „Да се информираме наместо да дискриминираме“ во рамки на проектот „Собранието и локалните самоуправи во унапредувањето на правата на ЛГБТ“, кој е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.
Ова тело е формирано од претставници на различни институции и граѓански организации со цел да разменуваат информации, да преземаат заеднички активности и да помагаат при поуспешно спроведување на Законот за еднакви можности на мажите и жените и на Законот за заштита и превенција од дискриминација на локално ниво.
Брошурата можете да ја преземете тука, а доколку се соочуваате со дискриминација по кој било основ, вклучително и по основ на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, обратете се кај Нела Масалковска, координаторка за еднакви можности на мажите и жените во Општина Струмица и Софче Иванова, координаторка на Локалното тело за заштита од дискриминација на Општина Струмица на е-адресата lktzd_strumica@gmail.com и на телефонските броеви 076 499 870 и 076 483 162.