Раниот медикаментозен абортус е безбедна, ефективна и прифатлива алтернатива на хируршкиот абортус. Методата нуди приватност и автономија и може да се понуди како услуга од матичните гинеколози/гинеколозите од примарната здравствена заштита кои имаат завршено соодветна обука. Медикаментозниот абортус во примарната здравствена заштита може да се изведува до 9-тата гестациска недела и се индуцира со администрација на мифепристон/мизопростол (во согласност со член 19, став 2 од Законот за прекинување на бременоста, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19). Дополнително, болничките здравствени установи што во својот состав имаат гинеколошко-акушерско одделение кое ги исполнува условите во однос на просторот, опремата и кадарот и има дозвола за работа во согласност со прописите од областа на здравствената заштита, може да изведуваат медикаментозен абортус до 22 г. н.(во согласност со член 19, став 2 од Законот за прекинување на бременоста, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19). Постојат многу малку контраиндикации или состојби кај кои треба претпазливост за изведување на медикаментозен абортус. Обезбедувањето информирана согласност од корисничките на медикаментозниот абортус вклучува и детално информирање за очекуваниот резултат, за несаканите ефекти и за можните компликации. Корисничките треба да бидат добро информирани кога да се јават на контролен преглед во ургентна амбуланта. За сите кориснички на медикаментозен абортус треба да се закаже контролен преглед за потврда дека абортусот е комплетен. Како методи за потврда може да се користат ултразвучен преглед и/или одредување на концентрација на хуман хорионски гонадотропин во примерок од крв или со користење на уринарен тест со висока сензитивност. Најголем дел од методите за планирање на семејството (контрацепција) може да се користат веднаш по медикаментозниот абортус. Доколку корисничката претпочита да користи интраутерина влошка, таа се аплицира по потврда дека абортусот е комплетен.
Целата брошура можете да ја преземете на следниот линк