ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување објавува барање за прибирање понуди од физички лица, консултантски куќи, здруженија на граѓани или фондации регистрирани согласно Законот за здруженијата на граѓани и фондации, за видео продукција – изготвување и испорака на едно промотивно видео и кратка верзија од видео спотот.
Ангажманот е во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности за вработување“, поддржан од страна на Фондацијата Квина тил Квина.
Позадина на проектот
Вработувањето на социјално ранливите и исклучени граѓани сѐ уште претставува сериозен предизвик во Република Северна Македонија. Со невработеност, но и со потешкотии при барање на работа, се соочуваат речиси сите невработени лица особено оние најранливите: младите, долгорочно невработените лица, корисници на социјална помош, лица со низок степен на образование и др. Состојбата со Ромите особено Ромките, како долгорочно невработени лица, останува еден од најзагрижувачките фактори што го попречуваат нивното целосно вклучување во општеството.
Бројноста на ромската популација во Македонија е многу тешко да се утврди. Според Пописот во РМ од 2002 година, застапеноста на Ромите во вкупното население во РМ изнесува приближно 2,7% (53.879), со што Ромите се четвртата по големина етничка заедница (по Македонците, Албанците и Турците). Од друга страна, пресметките што Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ги наведува во регионалниот Извештај за Ромите од 2006 год. (Иванов и др. 2006) велат дека вистинскиот број е некаде помеѓу 220.000 и 260.000, што е над 10% од населението. Во секој случај, тука, како и во другите делови на регионот, стапките на сиромаштија и невработеност се значително повисоки кај Ромите од оние кај мнозинската заедница.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 957 623 лица, од кои вработени се 759 054, а 198 569 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 56.9, стапката на вработеност 45.1, додека стапката на невработеност изнесува 20.7. Заклучно со 30.04.2019 година вкупниот број на невработени лица на територија на град Скопје изнесува 18.347 од кои 2.597 се од ромска националност, а од нив 1301 се жени Ромки.
Општа цел на проектот:
Да се зголеми учеството на жените Ромки на пазарот на трудот.
Специфични цели:
- Зголемена приоритизација на вработувањето на жени Ромки во националните политики и креирање ефективни мерки.
- Да се подобрат политиките на локалната самоуправа и мерките за вработување на жените Ромки на локално ниво.
Целна група на проектот:
Жени Ромки активистки; Претставници од локална самоуправа; невладини организации кои работат на темите поврзани со женски прашања и инклузија на Роми, претставници од владини институции.
Влијание на проектот:
– Зголемен број на вработени Ромки на ниво на град Скопје.
– Зголемен број на Ромки кои користат активни мерки на Владата за вработување.
– Зголемени се националните фондови за активните мерки за вработување на Ромки.
– Националните политики за социјално претприемништво како концепт за намалување на невработеноста и сиромаштијата кај ромската заедница ги препознаваат Ромките како специфична целна група.
– Усвоени политики и мерки од страна на локалните власти кои обезбедуваат поддршка за вработување на ромски жени.
Бараме физичко или правно лице чија главна одговорност ќе биде продукција на видео спот за горенаведениот проект во рамките на кампања за социјално претприемништво. Физичкото или правно лице треба да има искуство и вештини во осмислување и изготвување на промотивни видеа и видеа за застапување. Физичкото или правно лице потребно е да поседува работно искуство од областа на социјален маркетинг од најмалку три години.
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Најмалку три години работно искуство во креативни проекти и реализација на промотивни видеа;
- Минимум 3 години искуство во продукција и постпродукција на рекламни спотови и видео материјали;
- Докажано портфолио во изработка на исти/слични продукти,
- Познавање на техники и принципи на рекламирање;
- Активно познавање на глобалните трендови во областа на адвертајзинг;
- Одлично познавање на англиски јазик;
- Предност ќе имаат кандидати со искуство во работа со/во невладин сектор.
Изведувачот ќе биде одговорна/ен за:
- Изработка на сценарио врз основа на предложените теми во соработка со проектниот тим;
- Видео: Снимање, постпродукциска обработка, монтажа и графичка и звучна обработка;
- Краток видео џингл: Сценарио, снимање и монтажа;
- Секојдневна комуникација и координација со проектниот тим.
ХЕРА ќе му обезбеди на Изведувачот преглед на содржините на проектот заедно со тематски приказ на видеото во наративна форма (бриф), истражувања од проектот и е-брошура што е изготвена во рамките на кампањата за застапување. Изведувачот е должен врз основа на брифот да приложи сценарија и да ги достави до ХЕРА за конечно одобрување. После одобрувањето следува правење на временска рамка и план на активности по кој ќе се одвива изработката на продуктите.
Продукти кои треба да се донесат за време на ангажманот:
- Видео промотивен спот за активација на невработени Ромки со времетраење од максимум 2 минути;
- Кратка верзија од видео спотот со времетраење од 30-45 секунди.
Обврските ќе се спроведуваат во и вон канцелариите на ХЕРА.
Рок за спроведување:
Работата на оваа активност се очекува да биде спроведена во период од 10 ноември – 1 декември 2019, а крајните продукти да бидат доставени во финална верзија најдоцна до 10 декември 2019 година.
Најдоцна до 6 ноември 2019 година до 16:30 часот сите заинтересирани треба да обезбедат и достават:
За правни лица:
- Референци (портфолио) за Понудувачот во подготовка и испорака на ваков тип услуги;
- Креативно решение – сценарио за видео
- Финансиска понуда во приложениот формат.
За физички лица:
- Детална биографија;
- Референци (портфолио) за подготовка и испорака на ваков тип услуги;
- Креативно решение – сценарио за видео.
- Финансиска понуда во приложениот формат.
Предвид ќе бидат земени само оние понуди од физички или правни лица кои ги исполнуваат условите и кои ќе испратат комплетна документација.
Начин на избор:
ХЕРА, во согласност со одредбите од договорот на проектот, ќе спроведе повик со прибирање на најмалку 3 (три) понуди.
Критериум за избор, покрај цената, е искуството во подготовка на видеа од областа на маркетинг и застапување (портфолио на организацијата и прилог на претходно изработени видеа).
Сите кандидати ќе бидат известени за резултатите од барањето за прибирање понуди за ангажирање на физичко или правно лице за аудио и видео продукција, по електронски пат, во рок од 5 дена по затворање на конкурсот.
Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција можете да ги доставите на следниов начин:
По електронска пошта: darko.crvenkovski@hera.org.mk
По пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ул. Франклин Рузвелт 51а/26, Скопје, со назнака (Понуда за ангажирање на физичко или правно лице за видео продукција)
Нецелосни пријави и пријави пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.
Останатите документи симнете ги тука: Бриф за видео; Финансиска понуда за видео