Анализата на социо-економската и состојбата поврзана со репродуктивното здравје кај Ромките за време на ковид-19 беше спроведена со цел да се добие увид во потребите, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромките во текот на светската пандемија во нашата држава.
Податоците од Анализата првенствено ја потврдија состојбата со високата невработеност меѓу Ромките: од 195 анкетирани Ромки кои живеат на територијата на град Скопје, 67% одговориле дека никаде не работат, а дури 68% не се пријавени во АВРСМ, со што се потврдува и дека Ромките не се информирани за бенефитите кои ќе ги стекнат со пријавувањето во агенцијата. За жал, овој проблем со себе повлекува низа други, што доведува до системско исклучување на Ромките.
Резултатите од телефонската анкета што беше спроведена во почетокот на април покажуваат и дека дури 77 % од анкетираните се без или со основно образование и без пристап до извори за приход. Поради критериумите кои треба да ги исполнат, овие лица не можат да ги искористат ни активните мерки за вработување, па остануваат во социјален ризик без никакви изгледи за вклучување на пазарот на трудот.
Особено алармантен е податокот дека 85,6 % од Ромките не го посетиле својот матичен гинеколог, како и фактот што голем процент на жените посетуваат гинеколог само кога се бремени или воопшто не го посетуваат подолг временски период, мислејќи дека нема потреба.
Ова се само дел од заклучоците од Анализата врз основа на кои Групата за застапување при вработување, формирана во рамки на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, и жени членки на Иницијативата на жени од Шуто Оризари составија препораки и застапуваа пред националните институции за полесно справување со кризата на терен и за подобрување на социо-економската состојба на оваа ранлива група на граѓанки.
Анализата е достапна на македонски јазик на следниот линк.