Во текот на предизборната кампања Младинската платформа за сеопфатно сексуално образование побара од политичките партии да се обврзат на преземање на мерки за сексуално образование. Ова барање доаѓа по неколкугодишната јавна дебата, загрижувачкиот тренд на здравствените индикатори кај младите, но исто така, и поради непреземањето на никакви мерки од страна на Министерството за образование и наука. За потсетување, Владата на РМ, во изминатите години, усвои дури 4 национални стратегии во кои се препорачува подобрување на информации во училиштата од областа на сеопфатното сексуално образование, а оваа година стигна и директна препорака од Комитетот на ОН за социјални, економски и културни права.
По барањето на Платформата, 10 партии се обврзаа дека ќе преземат мерки за унапредување на наставната програма со информации од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, кои се соодветни на возраста, кои се засновани на научни факти, и кои ги промовираат човековите права и родовата еднаквост.
Партиите кои се поддржувачи на сеопфатното сексуално образование се: Либерално-демократска партија (ЛДП), Либерална партија (ЛП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), ДПА, Унитети, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), ВМРО – Народна партија, Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Левица и Демократски сојуз. Од нив, 3 партии оваа мерка ја имаат наведено во своите политички програми. Зголемениот број на политички поддржувачи значи дека сексуалното образование го добива потребното внимание, особено ако се направи споредба со изборната кампања 2011 година кога зад ова барање застанаа само 3 политички партии.
Платформата по изборите ќе оствари соработка со партиите за наоѓање на најсоодветни начини за спроведување на преземената обврска.
Младинската платформа за сеопфатно сексуално образование: МОФ, ХОПС, ЏЕФ,Младите можат,ИЗЛЕЗ, ХЕРА, Сенки и облаци, YPEER, НМСМ.