Денес, во Прв семеен центар на Град Скопје, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување-ХЕРА заедно со Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ одржаа прес конференција за одбележување на меѓународната кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“.
Кампањата официјално започнува на 25 ноември и завршува на 10 декември при што 25 ноември се одбележува како „ Меѓународен ден за борба против насилство врз жените“.
Согласно усвоената стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 веќе е утврден стратегискиот пат и рамката за сеопфатна реакција на системот за спречување на семејното насилство во рамки на повеќе ресори, вклучувајќи ги оние за здравство, социјална заштита, МВР, невладините организации и други општествени чинители.
Но, многу од работите наведени во стратешките документи и протоколи не се спроведуваат соодветно во пракса. Во Македонија с# уште недостасуваат: Шелтер центри кои функционираат и нудат поддршка и заштита на жртви на семејно насилство 24 часа, Здравствени институции кои реагираат и пријавуваат семејно насилство по службена должност, Полициски станици кои интервенираат по пријава за семејно насилство независно од тоа колку пати веќе биле во тоа семејство, Советувалиштата за работа со сторители на семејно насилство децентрализирани во другите градови низ Македонија.
Според тоа, системот за заштита од семејно насилство во Македонија се соочува со многу предизвици на кои државните институции треба да одговорат, особено поради фактот што Република Македонија е потписничка на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (позната како Истанбулска конвенција). Конвенцијата преставува прв сеопфатен правно обврзувачки документ кој ги регулира сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашно насилство. Досега 27 земји ја потпишаа Конвенцијата и 8 земји ја ратификуваа. Македонија треба да побрза кон ратификување на оваа Конвенција бидејќи во Р.М не постојат сервиси за другите форми на насилство врз жени. Постоечките ресурси и услуги се однесуваат доминантно на жртви на семејно насилство, а останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство се практично изоставени. Организациите и институциите имаат недостаток од стручен кадар обучен за работа со други форми на насилство. Не постои стандардизација на услугите и сервисите помеѓу даватели, со исклучок на пилотирањето на стандардите за бесплатна правна помош. Организациите кои нудат услуги се најчесто сконцентрирани во урбани средини, па со тоа и достапноста на услугите е лимитирана и диспропорционална.
Токму во овој дух, на прес конференцијата се најави и кампањата ПОТПИШУВАМ – на иницијатива на Националниот совет за родова рамноправност. Со потпишувањето на онлајн петицијата на веб сајтот http://www.potpisuvam.org/mk/potpisuvam.html, секој од нас може да го даде својот придонес за тоа што побргу да се ратификува оваа конвенција. Кампањата ПОТПИШУВАМ е во рамки на проектот „Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базирано насилство“ финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е придонес кон воспоставување на сеопфатни законски решенија и политики за заштита од родово засновано насилство во Западен Балкан, како услов за постигнување на демократија, исполнување на човековите права, социјално вклучување и усогласување со вредностите на ЕУ.
Во рамки на напорите за спречување на семејното насилство, ХЕРА минатиот месец отвори советувалиште за семејно насилство кое нуди поинаков холистички пристап кој преку психосоцијална работа ќе ги третира сите чинители од семејството. Овој начин на сеопфатна работа ќе понуди заштита, а воедно и превенција од трансгенерациско провлекување на семејното насилство.
Исто така, оваа година како одбележување на 16 дена активизам за насилство против жените, со поддршка на Американската амбасада во Скопје, ХЕРА ќе спроведува едукации за подигнување на свеста за семејното насилство помеѓу Ромското население и млади низ средни училишта во Скопје.
Свое обраќање на прес конференцијата имаа Весна Матевска-програмски координатор на ХЕРА, Елена Димушевска-Претседателка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Сафка Тодоровска-Претседателка на Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ.