Евалуацијата на пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование покажува дека опфатените ученици знаат многу повеќе за своето сексуално и репродуктивно здравје и права, за разлика од своите соученици во другите училишта низ земјата
7 декември 2022 година – Бирото за развој на образованието, во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, одржа тркалезна маса на која беа претставени наодите од Евалуацијата на пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование (ССО) што се спроведуваше во 2021 година во 9-то одделение во основните училишта „Јан Амос Коменски“ и „Кузман Шапкарев“ во Скопје и „Братство Миѓени“ во Тетово.
„Сеопфатното сексуално образование промовира здраво однесување“, истакна во своето поздравно обраќање Ајше Ајрулаи од Бирото за развој на образованието (БРО), нагласувајќи дека целта на образовните политики што се развиваат со Министерството за образование и наука е да се придонесе кон развојот на здрави личности кои ќе имаат знаења и вештини што ќе им помогнат на младите да донесуваат здрави одлуки кои одговараат на нивните вредности и вредностите во нивната средина на живеење.
„Верувам дека тркалезнава маса ќе биде охрабрувачка за голем број основни училишта во понатамошно спроведување на сексуалното образование, онака како што е предвидено со Концепцијата за основно образование. Верувам и дека бројот на наставници кои ќе го спроведуваат во иднина ќе се зголемува. А дека ќе има предизвици и противници – ќе има, но ако сме побројни и посилни, нема да нè обесхрабрат. Затоа и во ХЕРА, која силно се залага ССО да се учи во училишните клупи, можете да гледате партнер кој ќе ве поддржува на тој пат“, изјави Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.
Претставувајќи ги наодите од евалуацијата, која подразбираше и следење на самата настава од страна на советници од БРО, евалуаторката Шерузе Османи Балажи истакна дека пилот-програмата е усогласена со целите и стандардите на УНЕСКО за реализирање на настава за ССО за деца на возраст од 13 до 15 години, како и дека наставната програма, учебното помагало и спроведените обуки и работилници биле во согласност со потребите на наставниците за зголемување на нивните компетенции за реализација на наставата за ССО.
Податоците покажуваат дека програмата многу ги подобрила знаењата на учениците за темите опфатени во содржините на ССО, како и дека учениците имаат значително попозитивен став кон компонентите на ССО. Квалитативните наоди упатуваат дека обуките се значаен фактор за ефективно спроведување на програмата. Сепак, наставниците ја артикулираат потребата од проширување на знаењата во однос на научни и медицински факти за сексуалноста, но и од поддршка од друг наставник или надворешен едукатор при спроведување на програмата, и тоа на часовите кога се зборува за контрацепција, тинејџерски врски и брак, сексизам и сексуални ориентации. И учениците и наставниците сметаат дека за да може целосно и ефективно да се изучуваат тематските содржини, програмата за ССО би требало да се спроведе во текот на две полугодија со двојно поголем фонд на часови.
Николина Кениг, една од истражувачките во спроведеното „Истражување за ставовите на наставниците за воведување на ССО во основното образование пред и по пилотирањето на програмата“, истакна дека значителен дел од опфатените наставници (вкупно 1652) би сакале да се вклучат во обука за реализација на овие содржини бидејќи сметаат дека информациите, ставовите и вештините што учениците би ги стекнале низ оваа настава се исклучително важни и релевантни. „Пречките за успешна реализација на програмата наставниците и соработниците ги лоцираат најмногу во фактори надвор од училиштето, односно во неподготвеноста на заедницата или на родителите да прифатат систематска едукација на тинејџерите во сферата на сексуалноста“, дополни таа.
За потсетување, пилот-програмата за ССО се спроведе во рамките на воннаставните активности како слободен изборен предмет во деветтото одделение, со вкупно 36 часа во текот на првото полугодие од учебната 2021/2022 година. За таа цел, според насоките и препораките дадени од мултисекторката работна група формирана од Министерството за образование и наука, беше развиена наставна програма сообразена со развојните можности на учениците на 15-годишна возраст, а беше изготвен и Прирачник (нацрт-верзија) со вкупно 47 работилници распределени низ седум компоненти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство. Покрај умешно водење на учениците, улогата на обучените наставници беше и да креираат безбедна и сигурна средина во која учениците ќе се чувствуваат комфорно да споделуваат и прашуваат, почитувајќи ги своите и туѓите претходно воспоставени граници.
Резултатите од евалуацијата ќе послужат како основа, од една страна, за ревизија или дополнување на наставната програма, материјалите од прирачникот и наставната програма и, од друга страна, за подготовка на Национален план и Стратегија за воведување на ССО во основното и средното образование како слободен изборен предмет или трансферзално во рамките на соодветни наставни предмети.