Невработеноста на Ромките е долгогодишен проблем во нашата држава. Ова го потврдуваат и наодите дека само 4 Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени само со 0,47 % од вкупниот број на вработени. Од вкупно 7647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки, наспроти фактот дека 4632 односно 4,6 % од регистрираните невработени лица се Ромки.
Ова се само дел од податоците содржани во краткиот осврт „Вработена Ромка – Силна Ромка“ чија цел е да даде преглед на актуелната состојба на вработувањето на Ромките во државните институции во Република Северна Македонија, како и на степенот на искористеност на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките. Препораките кои произлегоа од анализата ќе служат како алатка за застапување на локално, национално и меѓународно ниво, пред клучните чинители со цел да се зголеми учеството на Ромките на пазарот на трудот.
Документот е резултат на мониторинг-активностите на неформалната група за застапување на правата на Ромките во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, поддржан од Фондацијата „Квина тил Квина“, кои беа спроведени во текот на 2020 година.
Краткиот осврт е достапен на македонски и на англиски јазик.