Со намера да ги доближиме придобивките што ги носи сеопфатното сексуално образование кога се учи во клупа, подготвивме кампања преку која на социјалните мрежи ги испративме следниве пораки:
Преку сексуалното образование младите разговараат за дискриминацијата и насилството меѓу врсниците, во интернет просторот и меѓу паровите. Учат кои се нивните права, а со тоа и на останатите. Учат каква правна заштита им следува кога некое нивно право е прекршено. Си ги прошируваат хоризонтите за тоа што значи да се биде различен од другите и зошто државата мора да обезбеди рамноправност на сите граѓани.
Без самодоверба и слобода да прашаат, како младите ќе се ценат себеси, своето тело, својот интегритет, својата природа? Како инаку ќе знаат дека ако е табу, не значи дека е страшно?
Родовата еднаквост директно влијае врз здравјето. Ама никако да стигнеме до неа (и) поради родовите стереотипи. Ако не верувате дека ги има буквално на секој чекор, разлистајте ги весниците и порталите и пробајте да изброите колку професии се во женски, а колку во машки род. Или пробајте да си одговорите зошто над 90 % од жртвите на семејно насилство се жени и девојчиња. Или, зошто и ден-денес жените се помалку вреднувани од мажите? Зошто и натаму само од жените се очекува да балансираат меѓу професионалниот и приватниот живот? Зошто татковците не зборуваат со ќерките за менструација? Зошто е срамота момчињата да плачат?
Сексуалното образование ги учи младите и зошто се важни пријателските врски за адолесцентите. Како правилно да ги градат, за да траат? Како ќе знаат дека интимната врска е квалитетна или токсична? Што носи со себе долготрајната врска? А живеењето во брак? Што е прифатливо, а што не? Се разбира дека ниту родителите ниту училиштето не можат да ги подготват младите за сѐ што ги чека во животот, но можат барем навремено да ги информираат за она што веќе се знае.
Истражувањата покажуваат дека над 96 % од родителите и наставниците веруваат дека за насилството треба да се зборува на училиште. За жал, тоа е така бидејќи речиси и да нема дете, родител или семејство што не се соочиле со насилството – на своја кожа или пред свои очи.Сексуалното образование ќе ги научи младите како да го препознаат насилството – во сите форми! – каде да го пријават и како да се заштитат.