Платформата за родова еднаквост го поздравува усвојувањето на Законот за прекинување на бременоста од страна на Собранието, како и заложбите на пратениците од различни политички партии за послободен репродуктивен живот на жените во нашата земја.
По шест години од донесувањето на рестриктивниот закон, потребата на жената повторно е на прво место. Една од низата придобивки со кои се олеснува пристапот до абортус и се уважува репродуктивната слобода на жената е отстранувањето на административните бариери, односно на писменото барање за оваа здравствена услуга, задолжителното пристрасно советување и тридневното чекање по советувањето. Формирањето на Првостепената комисија се поместува од сегашната 12-та на 22-та гестациска недела од бременоста, а се бришат и барањата жените да приложуваат потврди во случаи на силување или неповолна социјална состојба. Новото законско решение десеткратно ги намалува казните за лекарите со што ќе се подобри нивниот однос кон пациентките и ќе се подобри квалитетот на услугата. Се воведува абортусот со апчиња (т.н. медикаментозен абортус), којшто според Светската здравствена организација е најбезбедниот начин за абортус во раната бременост. Со проширувањето на услугата на примарно ниво, абортусот станува пристапен во поголем број на градови и населени места со што ќе се намалат патните трошоци за жените и нивните семејства.
Со цел доследно спроведување на новоусвоениот Закон за прекинување на бременоста, ние, членките на Платформата за родова еднаквост, бараме од Министерството за здравство веднаш да се започне со спроведување на сите обврски што произлегуваат од законот, односно во најкус можен рок да се изготви клиничкото упатство за безбеден абортус, вклучувајќи го и медикаментозниот абортус и да се регистрираат апчињата за медикаментозниот абортус со што прекинувањето на бременоста би станало достапна здравствена услуга низ целата земја.
1. ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
2. Реактор – Истражување во акција
3. Коалиција „Маргини“
4. Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска
5. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
6. Здружение за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје
7. Бори се женски
8. Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
9. Здружение женски форум
10. Здружение за еднакви можности Семпер
11. Здружение за локален рурален развој
12. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените
13. Институтот за општествени и хуманистички науки
14. ЛезФем
15. Мрежа за заштита од дискриминација
16. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
17. Националниот совет за родова рамноправност
18. Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
19. Организација на жените на општина Свети Николе
20. Организација на жените „Кумановка“
21. ТАКТ
22. Хуманитарно Здружение „Мајка“