Невработеноста на Ромите останува комплексен проблем и еден од најзагрижувачките фактори што го попречуваат нивното целосно вклучување во општеството. Состојбата со ромската заедница на пазарот на трудот укажува на низок степен на образование и непоседување на работни квалификации, кои во комбинација со дискриминацијата врз Ромите ги сведуваат на минимум сите можности за нивно вработување. Поради неинформираност, голем дел одневработените Роми не се регистрирани како лица кои бараат работа, а со тоа не се во можност да ги користат активните мерки за вработување. Стапката на неформална вработеност кај Ромите е за 2,5 пати поголема во споредба со останатите граѓани. Токму поради ова, тие се меѓу најпогодените од пандемијата, која уште повеќе ја влошува нивната социо-економска состојба.
Податоците од Анализата која ја спроведе ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во текот на април оваа година, првенствено ја потврдија состојбата со високата невработеност меѓу Ромките: 67 % од анкетираните одговориле дека никаде не работат. Од друга страна, дури 68 % од анкетираните невработени Ромки не се пријавени во АВРСМ. Согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, невработените лица имаат право на паричен надоместок и остваруваат право на здравствена заштита. Оттука, голем дел од Ромките кои не се пријавени остануваат надвор од ова системско решение и се оставени без никаков приход за задоволување на егзистенцијалните потреби. Во услови на пандемија, дури 74 % од испитаничките немаат доволно финансиски средства поради прекин со неформалната економија или хонорарната работа.
Земајќи ги предвид овие податоци и потребите на граѓаните, Владата на РСМ одговори со донесување на Уредба со законска сила за примена на Законот за социјалната заштита за време на вонредна состојба, со која е овозможен брз пристап во системот на социјална заштита и остварување на правото на гарантирана минимална помош (ГМП), што е од особено значење за ранливите групи на граѓани; како и низа на економски мерки поделени во три пакети за справување со кризата и за сочувување на што повеќе работни места на граѓаните.
Иако воведените мерки се за поздрав и ја ублажуваат тешката состојба на овие семејства, нивната имплементација е многу бавна во ситуација кога треба итно да се реагира. Постапките траат многу долго и семејствата и понатаму остануваат без никаков приход. Од друга страна, припадниците на неформалниот сектор алармираат дека е потребно да се усогласат мерките со нивните специфични потреби и состојба.
Групата за застапување за еднакви можности при вработување која е составена од Ромки активистки и делува во рамки на ХЕРА како дел од проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, активно го следеше спроведувањето на мерките на терен. Од прогласувањето на вонредната состојба наваму, Групата воочи низа предизвици со кои се соочуваат голем број на ромски домаќинства при користење на економските и мерките за социјална заштита.
С.С. е 36-годишна жена од Шуто Оризари. Пред да се прогласи вонредната ссотојба, таа работеше како хигиеничарка и беше дел од неформалната економија. Нејзиниот сопруг има возило старо 4 години и тоа е стекнато откако пред неколку месеци се вратија од Германија каде што беа пријавени како баратели на азил. Инвестираа во тоа возило за да можат да заработуваат како такси-превозници, што им беше неформална работа. Со прогласувањето на вонредната состојба и двајцата останаа без придонеси и не можат да се стекнат со минимален гарантиран приход поради возилото. Нејзиниот сопруг вели дека дури и го огласил возилото да го продаде, но никој не се јавил да го купи. Нивното семејство брои четири члена, со две деца, а повеќе од 2 месеци не остваруваат никаков приход во домаќинството.
Според последните измени во Уредбата за примена на Законот за социјална заштита во време на вонредна состојба, поседување на возило постаро од 5 години не се смета како имот што корисникот може да го оттуѓи или изнајми и на тој начин да се издржува.
Оттука, овој случај ни покажува во пракса дека секојпат кога се носат мерки без да се консултира засегнатата заедница, мерките ќе се покажат како неефективни за одредени групи граѓани, па токму затоа треба да се прилагодат соодветно на спецификите.
Дополнително, со донесениот трет пакет на економски мерки со кои се опфатени граѓани и вработени со низок доход, млади лица и здравствени работници, и невработени лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година, делумно се одговори на потребите на граѓаните, но тука повторно не спаѓаат лицата кои се дел од неформалната економија.
Со цел подобрување на економските мерки и олеснување на пристапот до ГМП и минимален приход во домаќинствата на најранливите категории на граѓани, Групата за застапување испрати писмa со препораки до Министерството за труд и социјална политика и до надворешниот советник за ромски прашања во Кабинетот на Претседателот на РСМ. Како најприоритетни за ромската заедница како ранлива категорија на граѓани, со цел нивна инклузија на пазарот на трудот и економска поддршка за време на актуелната состојба во нашата држава, беа доставени следниве препораки:
- Да се пристапи кон регистрација на што поголем број невработени Ромки во евиденцијата на АВРСМ заради овозможување пристап до активните мерки за вработување, како и до интервентните мерки донесени во вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19;
- Да се отворат пунктови за регистрација на невработените во населбите во кои живее ромско население и да се одблокираат забраните или да се вратат во евиденција избришаните по основ на задоцнето пријавување со цел да се искористат активните мерки за вработување наменети за овие лица;
- Да се обезбеди привремено ангажирање на невработените Ромки без или само со основно образование во државните и јавните институции за времетраење на здравствените мерки за зачестено одржување на хигиената во институциите, но и на јавните површини и за друг ангажман во согласност со нивните квалификации;
- Да се ангажираат теренски тимови од институциите или невладините организации во населбите во кои живеат Роми заради асистирање при поднесување на документи за користење на финансиска поддршка воведена со мерките на Владата за време на вонредната состојба;
- Да се доделат хуманитарни пакети на социјално ранливите групи на граѓани, вклучително и лицата без лична документација, при што ќе се води евиденција за содржината на пакетите;
- Да се информираат Ромите за воведените мерки за финансиска поддршка и социјална заштита, како и за препораките за заштита од Ковид-19 преку теренски тимови/или телефонски јавувања, при што ќе се остави простор за дообјаснување на процедурите;
- Ефективно работење на Центрите за социјална работа во однос на пристапност и брзи одлуки по поднесените барања за искористување на мерките наменети на домаќинствата во социјален ризик;
- Со цел да се опфатат лицата кои се дел од неформалната економија и кои не остваруваат никаков приход од почетокот на вонредната состојба, а притоа не се евидентирани во АВРСМ како активни баратели на работа, да се креира нова мерка прилагодена кон специфичноста на оваа група на граѓани за да им се обезбеди финансиска помош.
Групата за застапување верува дека надлежните институции и Владата на РСМ ќе одговорат на специфичните потреби на социјално ранливите групи на граѓани. Во спротивно, пандемиската криза на долг рок предвидува продлабочување на јазот помеѓу ромската заедница и останатите граѓани во државата.