ЗАСТАПУВАЊЕ

Веруваме дека предуслов за целосно почитување и остварување на човековите права е нивното сеопфатно препознавање во позитивните законски прописи.

Токму затоа ХЕРА иницира и активно учествува во сите процеси на подготовка на политики, програми и буџети поврзани со ХИВ и особено застапува за обезбедување на одржливоста на сервисите за ХИВ наменети за клучните популации засегнати од ХИВ.

Застапуваме и за воведување на најмалку три контрацептивни средства на позитивната листа на лекови, а од декември 2017 година бевме дел и од работната група на Министерство за здравство за анализа и измени на рестриктивниот Закон за прекинување на бременоста. 

ХЕРА беше дел од усвојувањето на протоколи за заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и од формирањето на интерпарламентарна група во Собранието – прва ваква на Балканот – за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во февруари 2018 година.

Бевме меѓу првите кои почнаа да застапуваат за интегрирање на Целите за одржлив развој (ЦОР) поврзани со родовата еднаквост во националните политики, заради што во 2016 година, заедно со Платформата за родова еднаквост, направивме и соодветна анализа. Застапуваме и за обезбедување на достапни и пристапни специјализирани услуги за жртви на родово базирано насилство, а со тоа и на одржливоста на граѓанските организации кои нудат такви услуги.  

Учествувавме во ревизијата на Националниот план за подготовка и одговор на здравствениот систем за време на криза и успеавме да вклучиме поглавје за сексуално и репродуктивно здравје во време на вонредни и кризни состојби

Застапуваме и за поголем пристап до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје за лицата со попреченост во согласност со наодите од нашите проценки на потребите од соодветни услуги

Заедно со Бирото за развој на образованието, во 2018 година формиравме Национална работна група за развивање модели на сеопфатно сексуално образование, а од 2017 година активно учествуваме и ги следиме процесите на развој на стратегиски документи за социјално претприемништво бидејќи сакаме екосистем во кој социјалните претпријатија ќе никнуваат и напредуваат.