РОДОВА РАМНОПРАВНОСТ

„Колку почесто се случува, толку поретко се зборува“ важи и за родово базираното насилство. Иако кај нас над 90% од сторителите на семејно насилство се мажи, а над 80% од жртвите се жени, бројот на специјализирани сервиси за родово базирано насилство е многу мал, а стандардите на неодамна ратификуваната Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство (уште позната и како Истанбулска конвенција) далеку од остварени. 

Родово базираното насилство е неспорен показател за квалитетот на сексуалното и репродуктивното здравје и дел од нашата работа уште од 2004 година. Во 2009 година ги зајакнавме капацитетите на општина Струмица за мултисекторско справување и спречување на семејното насилство преку формирање на првото локално координатвно тело за справување со семејното насилство и усвојување на тригодишна локална стратегија за спречување и заштита од семејно насилиство; три години подоцна градот го отвори првото Засолниште центар за жртви на семејно насилство. 

Во 2013 година го отворивме Првиот семеен центар за сите на кои семејното насилство и ризикот од насилство им се секојдневие и оттогаш работиме за поквалитетни, подостапни и посеопфатни услуги за заштита од семејно насилство и ја подигаме свеста и преку ноемвриските „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“, како дел од Националната мрежа  „Глас против насилството“ и Платформата за родова еднаквост

Родово базираното насилство не може да се надмине без сеопфатен и мултисекторски пристап, па токму затоа, од 2016 година, во партнерство со Центарот за семејна медицина на скопскиот Медицински факултет и УНФПА, спроведуваме акредитирани обуки за здравствени работници за препознавање и одговор на родовобазирано насилство. А со поддршка од УНИЦЕФ ги обучуваме и мултисекторските тимови за работа со деца.

Повеќе: