ОМОЌУВАЊЕ И ГРАДЕЊЕ КАПАЦИТЕТИ

Веруваме дека е невозможна промена во состојбата со правата на маргинализираните без нивно омоќување  – за да можат да се застапуваат и да учествуваат во одлуките што директно ги засегаат. 

Омоќувањето значи информирање и едукација за личните права, па преку врсничките едукации за сеопфатно сексуално образование ги зајакнуваме младите, а преку годишен состанок и работилници, ги јакнеме и самите ХЕРА Млади

Омоќувањето значи и градење неопходни вештини и ресурси за остварување на репродуктивните права, па ги обучуваме Ромките од Иницијативата на жени од Шуто Оризари кои како теренските работнички и параправничките нудат информации и правни услуги, одржуваат граѓански форуми, придружуваат клиенти и вршат медијации со даватели на услуги. 

Уживањето и почитувањето на социјалните и економските права на маргинализираните директно влијаат и врз унапредувањето на нивните сексуални и репродуктивни права. Токму затоа, ги јакнеме капацитетите на креаторите на политики и избраните претставници за правата на ЛГБТИ луѓето и на здравствените работници за семејното планирање, Минималниот основен пакент на услуги за сексуално и репродуктивно здравје, клиничкиот третман на жртви на родовобазирано насилство и за комуникациските вештини при обезбедувањето услуги за пациенти Роми.

Ги обучуваме оние кои имаат бизнис-идеи и потенцијал за социјално претприемништво и сакаат да вработуваат лица од маргинализирани заедници, ги зајакнавме комуникациските вештини на дел од ромските невладини организации, а Ромките од „Нега Плус“ ги сертифицира(в)ме за палијативна грижа и нега во домашни услови. 

Сексуалноста и сексуалното и репродуктивното здравје на лицата со попреченост се неисцрпна тема и на обуките и едукациите преку кои ги зајакнуваме и стручните лица и родителите/старателите, но и самите лица со попреченост

ХЕРА активно ги јакне и капацитетите на заедниците засегнати од ХИВ. Од овие заложби произлегоа „ЕГАЛ“ во 2006 година, чија мисија се превенцијата на ХИВ и СПИ кај ЛГБТИ заедницата и борбата против стигмата и дискриминацијата и „Заедно посилни“ во 2009 година, која со техничка и административна поддршка од ХЕРА, од неформална група на луѓе што живеат со ХИВ прерасна во организација на заедницата што и ден-денес се залага за подобрен пристап до третман за ХИВ и за испорака на услуги за превенција, грижа и поддршка поврзана со ХИВ.