Правото на контрацепцијата е едно од основните човекови права затоа што значи право на здравје и на здравствена заштита. Контрацепцијата им овозможува на жените и девојките самостојно, слободно и без принуда да одлучуваат дали, кога и колку деца ќе имаат. Колку е попристапна, толку почесто се употребува, а општествата кои ја обезбедуваат се економски посилни и поразвиени. Жените кои користат контрацепција се понезависни и зајакнати и имаат поголем пристап до образование и работа. Контрацепцијата ја спречува непланираната бременост, го намалува ризикот од рак на матката и јајниците, штити од цисти и анемија, ги намалува менструалните болки и акните на лицето.
Па, сепак, само 13% од паровите во Македонија користат модерни контрацептиви, а само 1,6% од младите користат орална контрацепција. Без контрацепција нема квалитетно сексуално и репродуктивно здравје. Токму затоа уште од 2005 година ги едуцираме младите и обезбедуваме бесплатно советување и модерни контрацептиви преку нашите младински центри „Сакам да знам“ и програмата за врсничка едукација за ХИВ. А нашите ХЕРА Млади неуморно ја подигаат свеста меѓу своите врсници за придобивките од контрапцецијата и секој 26 септември го одбележуваат Меѓународниот ден на контрацепција.
Повеќе:
- Фактори кои влијаат на употребата на контрацепција – квантитативно истражување за бихевијоралните и социо-културолошките норми кои влијаат врз пристапот и употребата на контрацепција во Македонија
- Семејно планирање – прирачник за обука на даватели на услуги во примарната здравствена заштита
- Контрацепцијата е мојот избор – информативна брошура
- Контра(млади)цепција – кратка анализа на ХЕРА Млади
- Инвестиции во здравството и заштеда на трошоци преку обезбедување современа контрацепција во Македонија – студија (2017) за здравствените придобивки добиени со зголемена употреба на современи методи за контрацепција, и заштедите поврзани со нив.