Абортус

Силно веруваме дека за да ја ужива својата репродуктивна слобода, жената мора да може слободно да одлучува за своето тело, здравје и живот. Репродуктивната слобода не постои ако е маратон со пречки. Токму затоа и застанавме во нејзина одбрана во 2009 година и заедно со повеќе граѓански организации ја формиравме Платформата за правото на избор како одговор на владината кампања против правото на абортус. Заедно со уште 40 други граѓански организации ја донесовме и потпишавме Декларацијата за заштита на правото на жените слободно да одлучуваат за својот живот, здравје и физички интегритет.

Во јуни 2013 година тогашната влада донесе нов закон за прекинување на бременоста којшто го ограничи пристапот до безбеден и легален абортус и ги принуди жените во Македонија на непотребни административни процедури. Протестиравме на улица, правевме аргументирани анализи, ја оспорувавме уставноста на законот, организиравме јавни расправи во Собранието и баравме поддршка од пратениците, меѓународните организации и Комитетот за човекови права при ООН.

Од 2013 година, ХЕРА е членка на Меѓународната кампања за безбеден абортус и секој 28 септември го одбележува Глобалниот ден за пристап до безбеден и легален абортус. ХЕРА е и една од 22 членки на Платформата за родова еднаквост која постои за да ги заштити женските права и да ја унапреди родовата еднаквост во Македонија, вклучувајќи ги и репродуктивното здравје и права.

Повеќе:

– Политика на ХЕРА за основните принципи, вредности и активности на организацијата за заштита на правото на избор за абортус
– Декларација на 10 политички партии за измени на Законот за абортус и обезбедување заштита на здравјето и репродуктивните права за време на парламентарните избори во 2016 година
– Теренско истражување на ХЕРА за ефектите и последиците од донесувањето на ограничувачкиот закон за прекинување на бременоста во 2013 година
– Брошури на ХЕРА за основните информации што здравствените работници и жените треба да ги знаат за медикаментозниот абортус
– По четиригодишната кампања – Квантитативно истражување на ХЕРА за ставовите на општата популација и на гинеколозите за законските измени во 2013 година и за владината ТВ-кампања против правото на абортус „Избери живот, имаш право на избор“