Лажните информации за сеопфатното сексуално образование без престан ги пласираат групи на наводно загрижени родители, па човек не може да не се запраша: Какви вредности носат луѓе кои свесно лажат, клеветат и поттикнуваат омраза?
ХЕРА најостро ги демантира невистините за сеопфатното сексуално образование (ССО) кои не стивнуваат веќе трета учебна година по ред. Најновата во низата лаги што организирано и тенденциозно се пласираат со единствена цел да се оцрни организацијата и да се подгреваат паниката и стравот од ССО и родовата еднаквост доаѓа од Гордана Гоџо, претседателка на граѓанското здружение „Од нас за нас“ – и е лага што може да се разобличи со еден клик!
Имено, во нејзината последна објава на оваа тема, објавена на нејзиниот профил на „Фејсбук“ на 2 септември, таа тенденциозно споделува работен лист како дел од наставен материјал по изборен предмет кој го доведува во корелација со актуелната Концепција за основно образование. На тој начин, таа ги наведува граѓаните што ја следат да помислат дека работниот лист е подготвен како дел од образовната реформа и дека како таков (ќе) се користи во 4-то и 6-то одделение.
Со само еден клик може да се види дека споделените работни листови се дел од Програмата Образование за животни вештини од IV до VI одделение (стр. 259-260), која во образовниот систем се спроведуваше уште во 2009/2010 година и чии содржини задолжително се обработуваа на одделенскиот час. Со други зборови, таа креира слика за ССО користејќи наставни материјали од програма која не е дел од реформите во основното образование и кои треба да се ревидираат во согласност со Националните стандарди за основно образование.
Токму поради ширењето на слични невистини и лаги во јавноста, во 2021 година ХЕРА поднесе тужба против „Од нас за нас“ за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета. Процесот сѐ уште трае.
Она што е веројатно помалку познато во јавноста е дека „Од нас за нас“ е дел од коалиција која со транснационална поддршка ги брани штетните патријархални вредности, уназадувајќи ги правата на жените и младите и засилувајќи ги предрасудите за сограѓаните кои се во ранливи ситуации или на маргините на општеството. Во нејзините редови покрај конзервативни политички партии, религиски организации и организации против правото на абортус, има и анонимни групи и страници на Фејсбук, но и луѓе – меѓу кои и Гоџо – против кои Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веќе донесе мислења за сторено вознемирување поради користење дискримининаторен говор.
Имајќи ја предвид, од една страна, нивната растечка мрежа на дејствување, особено на социјалните мрежи, а од друга страна, брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести, повторно апелираме до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации за ССО коишто на Фејсбук ги споделуваат „Од нас за нас“, Коалицијата за заштита на децата, Иницијативата „Учебници и настава мора да има“, „Либрис Плус“ и ним сличните.
Сите овие се иницијативи и организации се претставуваат како загрижени, но не можеме да веруваме дека се грижливи бидејќи со објави како последнава директно го загрозуваат правото на децата да имаат пристап до точни информации за своето здравје, како и до знаења и вештини кои во иднина ќе им овозможат да бидат побезбедни. Башка, не можеме да не се запрашаме – какви вредности носат луѓе кои, криејќи се зад слободата на говор, свесно лажат, клеветат и поттикнуваат говор на омраза?