Почитувана министерке за образование и наука д-р Рената Дескоска,
Имајќи го предвид проблемот со сериозното отсуство на знаења и стратегии за справување со предизвиците на родово заснованото насилство и сексуалното вознемирување во нашиот образовен систем, како и недостигот на информации за сексуално и репродуктивно здравје и права во формалното образование, Ви се обраќаме за да ја изразиме нашата загриженост во процесот на донесувањето на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 и на акцискиот план, непрепознавањето на аспектите поврзани со недискриминација и силеџиство по основ на род, сексуална ориентација, родов идентитет и воведување на сеопфатното сексуално образование како основна мисија на работење на нашите организации .
И покрај тоа што и Х.Е.Р.А. и Коалицијата Маргини потпишаа меморандуми за соработка со МОН и дополнително бевме вклучени во поднесување коментари и предлози за унапредување на стратегијата од аспект на ревизија на наставни планови и учебници, воведување на сексуално образование и преземање мерки за превенција и заштита од насилство и силеџиство (bulling) во училиштата, ниту една од нашите сугестии не беа земени предвид во финалната верзија од Стратегијата. Уште повеќе, и покрај нашето инсистирање да добиеме одговори дали и зошто нашите предлози не се земени предвид во финализирање на стратегијата, не добивме никакви повратни информации од страна на Министерството. Нашите забелешки ги претставивме и на комисиска расправа во Собранието на Република Македонија. Вака организираниот процес на донесување на овој важен стратешки документ ги урива принципите на транспарентност и партиципативност, особено на активна вклученост на граѓанските организации во донесувањето на важни општествени промени во образованиот систем.
Посочениот однос кон граѓански орагнизации кои имаат за цел да бидат партнери на Министерството и кои со години се залагаат и вложуваат во унапредување на состојбите во образованието е несериозен и игнорантски ги поткопува демократски принципи кои новата Влада се заложи да ги почитува и вреднува.
Дали неприфаќањето на нашите забелешки значи дека Министерството во наредните 8 години нема намера да преземе активности во насока на превенција и заштита од насилство и силеџиство засновано на род, сексуална ориентација и родов идентитет во училиштата? Дали ова значи дека нема да преземете чекори во насока на воведување на сеопфатно сексуално образование, а при ревизијата на учебниците нема да водите сметка за дискриминаторските содржини кон жените и ЛГБТИ луѓето?!
Дополнително сакаме да потенцираме дека се обврзавте да нѐ вклучите во ревизијата на наставните планови, програми и учебници со цел да се осигураме дека нема да содржат дискриминација по кој било основ, ќе ја промовираат еднаквоста и правата на жените и на ЛГБТИ луѓето. Од една страна добиваме информации дека процесот сѐ уште не е започнат, а од друга страна наставните програми за неколку одделенија се објавени на веб-страницата на МОН. Дополнително беше изразена и волја од страна на Министерството да се започне со формирање на работна група која ќе работи на анализи и давање на предлог-системски модели за воведување на сеопфатното сексуално образование, но за жал сѐ уште отсуствува имплементација.
Искрено се надеваме дека за сите оние иницијативи за кои нашите организации во последните месеци активно комуницираа и соработува со МОН, а за кои Вие и лично се заложивте дека ќе се унапредат, ќе преземете поголема одговорност и заложба да почнат ефективно да се реализираат бидејќи нашата цел е само една – подобро образование на младите за нивната сексуалност и човековите и сексуалните права што ќе придонесе до поголема демократизација на општеството и почитување на различностите.
Со надеж на продолжување на соработката и можност повторно да разговараме за овие важни прашања во насока на креирање безбедни училишни средини кои потикнуваат индивидуален и колективен развој, воспитување и едукација на нашите млади.
Скопје 12.2.2018 г.
Лица за контакт:
Драгана Дрндаревска, Коалиција Маргини, 078200675 dragana.coalition@gmail.com
Јована Ананиевска, ХЕРА, 070317742 jovana.ananievska@hera.org.mk