Откако во јавноста излезе веста за 24-годишна жена од радовишкото село Тополница која си го одзела животот во полскиот тоалет во дворот на семејната куќа и притоа оставила проштална видео порака во која објаснува низ што сè поминала во својот краток животен век, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство БАРА од надлежните институции да постапат со должно внимание и целосно да го истражат случајот земајќи ги предвид сите околности и настани, посебно оние кои укажуваат на подолготрајното вршење на тортура и семејно насилство врз неа кои, всушност, биле и причината за одземање на животот.
Имено, во прошталната видеопорака чиј дел од текстот го објави „Слободен печат“, младата жена наведува дека била постојано вознемирувана од неколку мажи (чии имиња се наведени во самата проштална порака) и го наведува и името на мажот кој ѝ дал непозната супстанца со која си го одзема животот. Дополнително, според анонимните искази на блиски роднини и соселани, младата жена со години живеела под притисокот на силната љубомора, контрола, доминација и заклучување во куќата од страна на нејзиниот повозрасен сопруг, а единствено излегување од куќата ѝ било само во придружба на сопругот и тоа за да посети лекар или за породувањето.
Иако има индиции и укажувања за насилство врз неа, сепак по добиените информации од Центарот за социјална работа дадена е изјава дека семејството не било корисник ниту на права од социјална заштита ниту, пак, е регистрирана пријава за семејно насилство. Истите податоци се добиени и од МВР.
Млада жена која, според информациите со кои располага „Слободен печат“, била од 13 години во заедница со сопругот, која секој ден е заклучувана и контролирана од негова страна, немала никаква можност да го пријави сторителот до ниедна од горенаведените институции. Податоците од истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата на жените во нашата држава укажуваат дека семејното насилство во сите форми е широко распространето кај нас, но и дека само 2 % од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција.
Во конкретниов случај, фактот дека закопот на младата жена бил направен веднаш следниот ден при што, поради недостиг на докази (!!!) за насилна смрт, не се направени преглед и обдукција на починатата, уште повеќе го крева АЛАРМОТ за ИТНО ПОСТАПУВАЊЕ НА СИТЕ ИНСТИТУЦИИ, особено на надлежното ОСНОВНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО и за откривање на вистината зад оваа трагедија. Дополнително, ОЧЕКУВАМЕ да се преземат сите мерки за заштита на нејзините деца и за обезбедување соодветна помош и поддршка за надминување на траумата која ја доживуваат со губитокот на мајката, а секако и траумите кои ги преживеале растејќи како сведоци на насилството кое било вршено врз нивната мајка.