Утре, на 16 октомври во Хотел Александар Палас- Скопје, во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања Х.Е.Р.А со финансиска поддршка од УНИЦЕФ ќе се одржи Работилница за вмрежување на ромските здравствени медијатори (РЗМ) со патронажната служба.
Пилот РЗМ во Шуто Оризари беа иницирани од страна на Асоцијација за здравствена едукација и истражувања –ХЕРА, како дел од активностите во Младинскиот центар – Сакам да знам – Шуто Оризари. Како партнер организација со повеќегодишно теренско искуство во Шуто Оризари беше одбрано Здружението на граѓани Амбрела.
Пилот РЗМ покажаа дека РЗМ ќе имаат значајна улога и во упатувањето на граѓаните на соодветно место во системот, во случаи кога ќе идентификуваат лица без лична документација, лица на кои им е потребно воведување во системот на здравствена заштита, деца кои не добиваат редовна имунизација задолжителна по закон, и ќе го олеснат процесот на интегрирање на здравствените потреби на ромското население во целокупниот здравствен систем.
По завршената обука за ромски здравствени медијатори во 2011 година, и во согласност со условите утврдени во Стратешката рамка “Подобрување на здравствениот и социјалниот статус на Ромите во Република Македонија преку воведување на Ромски здравствени медијатори”, усвоена во февруари 2011 година од страна на Владата на Република Македонија, 16 лица се избрани за вршење на функцијата РЗМ во осум општини во Република Македонија коишто во моментот се активни на терен. Дополнително, оваа година беа обучени 13 нови лица кои ќе покријат 4 нови општини. Пред започнување со работа на новите РЗМ се организира, Тренинг за вмрежување РЗМ со патронажната служба.
На работилницата се поканети претставници од 11 општини од Македонија (претставници од Здравствени домови и патронажна служба и Ромски здравствени медијатори). Целта е запознавање и координирање на активностите помеѓу РЗМ и патронажната служба од Здравствените домови. Дополнително, ова ќе претставува можност ново обучените РЗМ да се запознаат со тие од претходните години и на тој начин да воспостават меѓусебна комуникација и соработка.