Потребни се системски решенија, воведување на долгорочни мерки, активна работа и поддршка на терен, со цел зголемување на бројот на вработени Ромки, со оглед на тоа што стапката на формална вработеност кај нив изнесува само 17 % во земјава, односно тројно помалку се застапени на пазарот на труд. Со поголем опфат на формално вработување, повеќе Ромки ќе имаат можност за личен и професионален развој и економска независност. Ова беа дел од заклучоците на националната конференција која се одржа денеска во Скопје, со наслов „Вработена Ромка=Независна Ромка“ во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација, во рамки на проектот „Вработена Ромка = Независна Ромка“, финансиски поддржан од шведската фондација Kvinna till Kvinna.
На конференцијата свои поздравни обраќања имаа Мабера Камбери, раководителка на Сектор за координација и техничка поддршка на министерот за социјална политика, демографија и млади, Елизабета Божиноска – Програмска директорка на ХЕРА, како и Весна Пешова, в.д. Заменик директор во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Г-а Камбери истакна: „За почитувањето на човековите права на Ромите, нивното достоинство, потребата за нивно унапредување, почитување и практикување, најголема е одговорноста на оние кои носат одлуки, кои го создаваат јавното мислење, но и на невладиниот сектор како партнер во нивното практикување.
Денешната Национална конференција „Вработена Ромка = Независна Ромка“ посветена на жената Ромка, е извонредна можност сите заедно, како институции, меѓународни соработници и партнери, како и невладини организации, да дискутираме за ова многу значајно прашање. Верувам дека ќе успееме искрено да одговориме на многу прашања, но и заеднички да го одредиме правецот на унапредување на статусот на жената Ромка насекаде.“
Г-а Пешова истакна дека „една од целните групи кон која се насочени активностите на Агенцијата за вработување за зајакнување на капацитетите на невработените лица и нивно вработување се невработените Роми, кои учествуваат со 10% во вкупниот број на евидентирани невработени лица. Со Оперативниот план за 2024 година се утврдени програми, мерки и услуги за вработување кои создаваат нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на ранливите категории невработени лица.”
Таа додаде дека сите работодавачи и невработени лица имаат пристап до програмите, мерките и услугите за вработување, при што се настојува опфатот на Ромите да биде најмалку 5% од вкупниот број на учесници.
Програмската директорка на ХЕРА, Елизабета Божиноска истакна: „Постои долгогодишен и штетен стереотип дека Ромите, вклучително и жените, не се подготвени да работат. Оваа перцепција не само што ја обезличува заедницата, туку и ги игнорира вистинските бариери со кои се соочуваат Ромките, како што се дискриминација, недостаток од пристап до образование и исклучување од формалните мрежи за вработување. Сепак, доказите го сугерираат спротивното: Ромките, како и многу други, сакаат да работат и да придонесуваат за своите семејства и општество. Вработувањето им е главен приоритет.
Токму затоа, потребно е да работиме заедно, за да обезбедиме дека Ромките ќе бидат препознаени како економски потенцијал, што навистина се, и ќе им се даде шанса целосно да придонесат за иднината на Република Северна Македонија.“
Учесниците дискутираа за пристапот на Ромките до пазарот на труд во Република Северна Македонија, пречките со кои се соочуваат и чекорите кои е потребно да се преземат за нивно поголемо учество со што ќе се овозможи и поголема економска независност на Ромките во опопштество.
Покрај постигнатите успеси, се презентираше и работата на лицата кои беа контакт-точки на терен во четири града во земјата и придружуваа невработени Ромки до АВРСМ, а со цел помош и поддршка во процесот на пријавување како активни барателки на работа, приклучување кон мерките за вработување кои ги нуди АВРСМ, како и надминување на предизвиците со кои се соочуваат Ромките во делот на вработувањето. Исто така, беа презентирани и препораки за системски решенија, како и предизвиците при користењето на мерките од НОП за вработување и креирање на препораки за унапредување на истиот за 2025 година.
Меѓу говорничките на настанот беа и Сабина Асанова и Сибела Умеровска, од кои Сабина работеше на терен со ХЕРА како контакт-лице, а Сибела го претстави нејзиниот кариерен пат како успешен приказ на стекнато образование и формално вработување како дел од ромската заедница. Покрај ова, збор земаа и Дујгу Демирова и Рамизе Јусинова, вработени Ромки со поддршка на лицата од терен. Свое учество земаа и стручни лица од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и претставници од граѓанскиот сектор кои работат на економското зајакнување на Ромите.