ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Меѓународната федерација за планирано родителство и Фондот „Сигрид Раусинг“, објавува повик за прибирање понуди од правни лица за спроведување активност заради информирање на родители за содржините на сеопфатното сексуално образование и за важноста од навремена едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и за сексуалните права. Оваа активност ќе се спроведе преку реализација на медиумска кампања, која опфаќа изработка на 7 видеоспотови и нивна промоција првенствено на социјалните мрежи.
Ве покануваме да ни ги доставите Вашите понуди по електронски пат на andrijana.papic@hera.org.mk најдоцна до 18 октомври до 12 часот.
1. За активноста
- Позадина
Исклучително ниската стапка на употреба на модерни контрацептивни средства во земјава, особено меѓу младите, одлично илустрира дека сексуалното и репродуктивното здравје кај нас е вистинско табу. Како последица, постои недостиг од точни и проверени информации, кои се системски достапни и соодветни за возраста што, пак, негативно се одразува на здравјето на младите и значително придонесува кон дискриминација, насилство, омраза и булинг во училишната средина.
Неформалните едукации по сеопфатно сексуално образование што ХЕРА ги спроведува во и надвор од училиштата уште од 2013 година, потврдуваат дека огромен дел од децата на возраст од 14 до 20 години – како од македонската, така и од албанската средина – имале некакво негативно искуство поврзано со нивното сексуално и репродуктивно здравје, почнувајќи од информираноста за првиот гинеколошки и дерматовенеролошки преглед, за согласноста и за токсичните врски, па до сексуално вознемирување, насилно однесување и отворање пред родителите за сексуалната ориентација.
Пилотирањето на сеопфатното сексуално образование – чие воведување во формалниот образовен систем е не само предвидено со низа национални и меѓународни документи и препорачано и од комитетите на ООН, туку и обврска за државата која произлегува од потпишувањето и ратификувањето на важни меѓународни конвенции и декларации – предизвика лавина од лаги, неточни информации и говор на омраза во медиумскиот простор кои го претставуваат сеопфатното сексуално образование како закана за традиционалните семејни вредности и за улогата на родителите во воспитувањето на децата, сосема занемарувајќи ги последиците од немањето системска едукација за сексуално и репродуктивно здравје и воспитно-образовната улога на училиштето.
- Општа цел на активноста:
Да се подигне свеста кај јавноста, а особено кај родителите за содржините на сеопфатното сексуално образование, поточно за секоја од седумте компоненти.
- Специфични цели:
– Зголемен е бројот на родители кои се информирани за важноста од имањето пристап до точни информации и до здравствени услуги за сексуалното и репродуктивното здравје;
– Зголемен е бројот на граѓани кои можат да го препознаат штетното влијание на родовите стереотипи и улоги во домот и општеството врз добросостојбата на луѓето, особено на младите;
– Зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека е важна воспитно-образовната улога на училиштето и улогата на наставниците во развојот на децата и во постигнувањето на родовата рамноправност.
- Целна група на активноста:
Главна целна група се родителите, а потоа и наставниците и сите што се вклучени во воспитно-образовната дејност на децата – како во македонската, така и во албанската средина.
2. Предмет на договорите за набавка
Предметот на договорите за набавка не е делив и за него ќе биде склучен договор за набавка.
Изработка на 7 (седум) видеоспота: Седумте видеоспота ќе бидат снимени според однапред развиени сценарија, во чија подготовка ќе бидат вклучени и претставници од целните групи. Времетраењето на секој видеоспот треба да биде помеѓу 0,5 и 1 минута.
3. Критериуми за учество и утврдување способност на понудувачите
Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
4. Место на изведување на активноста
Ангажманот и сите обврски што произлегуваат од него ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
5. Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по целосната реализација на обврските што произлегуваат од предметот на договорите за набавка.
6. Краен рок за спроведување на активноста
Оваа активност треба да биде целосно реализирана до 31 декември 2023 година.
7. Изготвување и поднесување на понудите
7.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска или во печатена форма.
7.2. Најдоцна до 18 октомври 2023 година, до 12 часот, сите заинтересирани понудувачи треба да обезбедат и достават финансиска понуда.
7.3. Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо. Цената на понудата се пишува со бројки и букви и се изразува во денари и со ДДВ.
8. Начин на избор
8.1. Во согласност со одредбите на договорот на проектот поддржан од Меѓународната федерација за планирано родителство и Фондот „Сигрид Раусинг“, ХЕРА објавува повик за прибирање на понуди.
8.2. Критериум за избор е најниската понуда, добиена во предвидениот рок. Сите понудувачи ќе бидат известени за резултатите од објавениот повик за прибирање понуди по електронски пат, најдоцна 5 дена по затворањето на конкурсот.
8.3. Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за изработка на видеоспотови можете да ги доставите електронски на andrijana.papic@hera.org.mk. Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.