ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР), објавува повик за прибирање понуди од домашни правни лица за развивање комуникациска стратегија и визуелен идентитет на ХЕРА.
Ве покануваме да ни ги доставите Вашите понуди по електронски пат на konkurs@hera.org.mk, најдоцна до 22 јануари 2024 година.
1. За активноста
- Позадина
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување е најголемата граѓанска организација во Република Северна Македонија која работи во полето на сексуалното и репродуктивното здравје и права (СРЗП). ХЕРА води неколку сервиси кои нудат здравствени и социјални услуги за млади луѓе и маргинализирани заедници и е лидер во застапувањето за сеопфатно сексуално образование (ССО) на младите луѓе. ХЕРА е еден од водечките иницијатори во земјата во политиката за унапредување на правната рамка за СРЗП и обезбедување пристап до услугите на националниот здравствен систем за сите граѓани. Од 2009 година, ХЕРА е полноправна членка на МФПР, глобален обезбедувач на услуги во унапредувањето на СРЗП.
- Општа цел на активноста:
Да се унапредат комуникацијата и визуелниот идентитет на организацијата заради унифицирање на нејзината внатрешна и надворешна комуникација, во согласност со Стратегиската рамка (2023-2028).
- Специфични цели:
– Да се развие комуникациска стратегија за периодот од 2024 до 2028 година, во согласност со актуелната Стратегиска рамка;
– Да се развијат клучни пораки за трите столба на Стратегиската рамка коишто ќе бидат основа на целокупната надворешна комуникација на организацијата;
– Да се унапреди постојниот визуелен идентитет преку развивање нови организациски продукти за внатрешна и надворешна комуникација и промоција.
- Целна група на активноста:
Главна целна група на организациските продукти за внатрешна комуникација се вработените, давателите на услуги и младинската група на ХЕРА. Главна целна група на организациските продукти и на клучните пораки за надворешна комуникација се корисниците на социјалните мрежи, со фокус на младите луѓе и родителите.
2. Предмет на договорот за набавка
Предметот на договорот за набавка не е делив и за него ќе биде склучен договор за набавка.
Предметот на договорот за набавка вклучува:
А) Развиена комуникациска стратегија за периодот 2024-2028 година, заради подобрување на јавната слика и на надворешната комуникација на ХЕРА, според однапред утврдена методологија предложена од понудувачот;
Б) Развиени визуелен идентитет и организациски продукти за внатрешна и надворешна комуникација според усвоената комуникациска стратегија. Изборот на идејното решение за визуелниот идентитет и организациските продукти го прави ХЕРА врз основа на најмалку 3 предлог-решенија од понудувачот. Организациските продукти треба да опфаќаат но не се ограничени на банер, образец за презентација (Power Point), обрасци за информативни и промотивни материјали (пр. покана, флаер, објави за социјални мрежи, обрасци за објави на веб-страницата итн.), рилсови, документ со насоки за визуелниот идентитет (brandbook), промотивни материјали за настани и слично. Понудувачот се охрабрува да понуди и поинакви и поиновативни промотивни и комуникациски продукти заради обезбедување поголема видливост и препознатливост на ХЕРА;
В) Развивање носечки креативни пораки за трите столба на актуелната Стратегиската рамка (2023-2028).
За оваа консултантска услуга e предвиденa вкупна бруто сума од 369.570,00 денари. Рокот за доставување на финалните продукти е 31 март 2024 година, со тоа што комуникациската стратегија треба да биде развиена најдоцна до 1 март.
3. Критериуми за учество и утврдување способност на понудувачите
Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
4. Место на изведување на активноста
Ангажманот и сите обврски што произлегуваат од него ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
5. Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по целосната реализација на обврските што произлегуваат од предметот на договорот за набавка.
6. Краен рок за спроведување на активноста
Оваа активност треба да биде целосно реализирана до 31 март 2024 година.
7. Изготвување и поднесување на понудите
7.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска форма.
7.2. Најдоцна до 22 јануари 2024 година сите заинтересирани понудувачи треба да обезбедат и достават:
- Кратка биографија (портфолио) со листа на клиенти/организации за кои се спроведени истиот/сличниот тип на активности;
- Предлог-план (по активности и денови) за изработка на комуникациската стратегија;
- Краток документ со предлози за иновативна комуникација.
7.3. Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо.
8. Начин на избор
8.1. Во согласност со одредбите на договорот на проектот поддржан од Меѓународната федерација за планирано родителство, ХЕРА објавува повик за прибирање на понуди.
8.2. При изборот ќе се земат предвид следниве критериуми:
- работно искуство во областа на родовата еднаквост, социјалната инклузија и/или човековите права (најмалку 1 година) – 30 поени,
- референтна листа на претходни слични ангажмани (најмалку 3 ангажмани) – 30 поени,
- предлог-комуникациски план за промоција на проектните активности – 40 поени.
8.3. Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за развивање комуникациска стратегија и визуелен идентитет на ХЕРА може да ги доставите електронски на konkurs@hera.org.mk. Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.
8.4. Сите понудувачи ќе бидат известени за резултатите од објавениот повик за прибирање понуди по електронски пат, најдоцна 5 дена по затворањето на конкурсот.